недела, ноември 17, 2024
АктуелноОхрид

Костадиновска-Стојчевска на седница на Национална комисија на УНЕСКО: За да постигнеме успех, неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските

Во Владата на Република Северна Македонија денеска се одржа седница на Националната комисија за УНЕСКО на РСМ, на која се дискутираше за одлуката и за заклучоците од 45. сесија на Комитетот за светско културно наследство на УНЕСКО што се одржа од 10 до 25 септември во Ријад, Кралство Саудиска Арабија, а кои се однесуваат на природното и културното наследство на Охридскиот Регион.

На седницата претседаваше министерката за култура и претседателка на Националната комисија за УНЕСКО, Бисера Костадиновска-Стојчевска, а беше истакнато дека Комитетот го вреднуваше и фактот дека експертските тимови на двете држави заеднички изготвија Стратегиски план за рехабилитација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион со Акциски план, со што се потврдуваат нашите искрени намери за зачувување на статусот и подготвеност за работа дома и интензивна соработка.

„Престижниот статус останува, но остануваат и препораките за негово зачувување. Препораките не се лесни и нивнaта реализација бара наше целосно внимание. За да постигнеме успех во тоа, неопходно е секој да го понесе својот дел од обврските“, посочи Костадиновска-Стојчевска.

Во тој контекст таа истакна дека е потребно да се преземат итни мерки за рехабилитација на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. Со цел создавање предуслови за имплементација на Стратегискиот план, Владата на Северна Македонија задолжи повеќе надлежни субјекти, секој од аспект на својата надлежност, да преземат итни мерки за зачувување и ревитализација на природното и културното наследство на Охридскиот Регион.

Во согласност со заклучоците, Министерството за култура, во соработка со Управата за заштита на културното наследство и НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид, на Единствениот национален регистар на прописи (ЕНЕР) веќе го објави Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за прогласување на Старото градско јадро на Охрид за културно наследство од особено значење. Значајно е тоа што со овој Предлог-закон се менува режимот на заштита на споменичната целина кој ќе спречи реализација на дивоградби, надградба и изградба на нови објекти во споменичната целина.

Министерката Костадиновска-Стојчевска информираше дека интензивно се работи и на текстот на Предлог-законот за управување со светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион. За изработка на нацрт-текстот на Предлог-законот е формирана работна група од Министерството за култура во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање, Управата за животна средина и Управата за заштита на културното наследство.

Управата за заштита на културното наследство, пак, веќе има изработено Упатство за чинителите, односно имателите на заштитени добра во Охридскиот Регион со насоки за примена на мерките за заштита, што ќе биде објавено на веб-страницата на Управата.

НУ Завод за заштита на спомениците на културата и музеј – Охрид изврши увид во заштитените културни добра и амбиенталните објекти и работи на изготвување на приоритетна листа за отстранување на сите несоодветни инсталации и друга опрема што се поставени на заштитените културни добра.

Костадиновска-Стојчевска ги повика министерствата за животна средина и просторно планирање,  за транспорт и врски и за финансии, општините Охрид, Струга и Дебрца, ЈУ „Национален Парк Галичица“ како и Хидробиолошкиот завод од Охрид интензивно и со заедничка посветена работа и реализација на заклучоците, сите да придонесат во зачувувањето на статусот на светското природно и културно наследство на Охридскиот Регион.
Извор: Влада