Денес верните со смирени и благодарни срца го воспеваат и празнично го слават покровителство, закрилата и застапништвото на Божјата Мајка, Која по милосрдието на својот милостив Син и нас грешните нè восинови и прими во своите мајчински прегратки, постојано простирајќи го над нас покровот на својата грижа и молитвите излеани за нас од топлото нејзино мајчинско срце. Иако на овој ден тој Покров беше вистински виден од очите на Светиот Андреј Јуродив и на неговиот ученик Свети Епифаниј, сепак, тој невидливо постојано пребива над нас, без оглед дали сме грешни или праведни, богати или сиромаси, угледни или неугледни – за сите има место под чадорот на мајчинската љубов на Богомајката.
Подобно на омофорот на небесната Мајка, ростушкиот храм ги собра под својот покров бројните верни од околните места, кои дојдоа да ја искажат својата радост за ова прекрасно светилиште што го закити крајот и да ѝ се заблагодарат на Онаа под чие покровителство се издигна тоа. Смирено засолнувајќи се под нејзината моќна закрила, која на овој посебен ден со особена љубов го покрива родот човечки, тие усрдно зедоа удел во литургиските прозби, што со благодатна сила извираа од усните и срцето на нашиот сакан Старец, Епископот Антаниски г. Партениј, кој го предводеше ова таинство на Божествената благодат.
Трогателна и умилителна глетка беше мигот, кога дури и најмалите со своите радосни гласови ги принесоа на дар и своите чисти детски молитви, пеејќи го празничниот тропар. Таа нивна искрена радост не можеше, а да не се отслика и на лицата на присутните, оти уште еднаш нè потсети дека на небото имаме Мајка која до крај пожртвувано се бори за секое свое чедо и му проштава и со љубов го покрива, и на крај во Царството на својот Син го воведува. Токму за таа нејзина небесна љубов благоволи да ни зборува и нејзиниот верен служител, нашиот Старец, кој богомудро нè воведе во духовната длабочина на ова денешно торжество.
Бигорски манастир