петок, ноември 15, 2024
Наш ИзборНаш изборОхрид

(ФОТО) Дебарско-кичевска Епархија: Воздвижение на чесниот крст- Крстовден

На 27.09.2023 година, денот кога го прославуваме празникот Воздвижение на чесниот и животвпрен Крст – Крстовден, во храмот „Св. вмч. Ѓорѓи“ во Охрид, беше отслужена света архиерејска Литургија, на којашто чиноначалствуваше Неговото Високопреосвештенство Митрополитот Плаошко-струшки и Дебарско-кичевски и Администратор Австралиско-сиднејски г. Тимотеј, во сослужение на протоереј-ставрофорите Никола Христоски, Сашо Богданоски, Димче Ѓорѓиески и Игор Никовски, свештеникот Горан Ставрески и ѓаконот Марко Спасовски. По завршувањето на Литургијата, Митрополитот Тимотеј се обрати кон верниците со пригодна беседа, којашто интегрално ви ја пренесуваме.

Митрополит Тимотеј

Во името на Отецот и Синот и Светиот Дух!
Драги браќа и сестри,

Кресту Твоему поклањаемсја Владико!

Крстот Господов е вселенски жртвеник осветен од крвта на Агнецот Божји, преку светата жртва која ја принел за гревовите на светот, возљубувајќи нѐ нас. На Крстот се распнати нашите гревови. Со крстот е убиена смртта, затоа и е потребно да бидеме во нашиот живот мртви за телото. Ете затоа крстот е наша победа, наша слава, венец и заштита. Во крстот Христов и во Прикованиот на него Исус Христос, Кој ги раширува Своите раце и ги привлекува сите луѓе кон себе од сите краеви на светот, ние ја гледаме сеопштата тајна на Воскресението на мртвите. Пред нашите погледи е и трнливиот венец, под кој се лие крвта, и железните клинци кои ги рануваат рацете и нозете на Господа Исуса Христа. Какви страшни страдања!

Спасителот вкусува жолчка и оцет. Од сите страни исмејување и навреди. Укажувајќи на Своите страдања и рани, Господ со овие болки како да нѐ замолува нас грешните – не грешете повеќе! Спасителот, распнат на крстот, ги претставува сите народи, ги сака не само ближните туку и непријателите. Крстот Христов нѐ поучува на покајание и смирение. И чие срце нема да се смири и може да остане спокојно гледајќи на Распнатиот Спасител на крстот, зашто дури и камењата повикуваат. Овој ден, во кој повторно си припомнуваме на крстот, на распнатиот Спасител и на расплаканата Богородица, а и на покајаниот разбојник, нѐ побудува да одговориме на повикот Христов: Ако некој сака да врви по Мене, нека се одрече од себе, нека го земе својот крст и нека оди по Мене (Мт. 16, 24).

Еве ја скалата кон небото: откажи се од себе и земи го својот крст и оди по Господа. „Откажи се од себе“ – тоа значи да ги отфрлиме од себе сите гревовни мисли, желби и постапки. Откажувањето од себе е неопходно. Ако не Го следиме Христа, ние ќе тргнеме по друг спротивен пат, противречен и исполнет од нашите гревови и престапи. Затоа е неопходно со љубов да се земе тој крст, што на секого му е даден од Господа, како лекарство и патоказ за нашето спасение. Со него е потребно да одиме со Господа на Голгота и да не се враќаме кон претходните зли навики туку да одиме по патот на верата и добродетелите.

Што значи тоа свој крст? Зошто тој крст се нарекува свој, односно личен за секој човек, но, истовремено, се нарекува и Христов крст? Својот крст – тоа се маките и страдањата во земниот живот. Својот крст – тоа е постот, бдението и другите благочестиви подвизи коишто го смируваат телото и го потчинуваат на духот. Тие подвизи треба да бидат сообразни според сопствените сили што постојат кај секој човек. Со едни се раѓаме, а други постигнуваме за време на нашиот земен живот.

Крстот Христов – тоа е спасителното Христово учење. Човековиот земен крст ќе биде суетен и бесплоден крст, ако не се преобразува во крст Христов преку следењето на Христа. Само на тој начин тој свој крст постанува Христов крст. Ученикот Христов е убеден дека со него постојано престојува промислата Божја, дека Господ му ги допушта страдањата како неопходни и неминовни услови, и дека со таквите страдања се доближува до Бога. Тој верува дека доколку Бог не бил согласен со тоа, тие не би се допреле до Него. И затоа тој верува дека земните маки и страдања се допуштени од Христа. Па, така, христијанинот вистински го поистоветува својот крст со Христовиот, затоа што вистинскиот ученик Христов ги почитува исполнувањата на заповедите Христови како единствена цел во својот живот. Тие совети и заповеди постануваат за него крст, на кој тој постојано го распнува своето тело со страстите и похотите. Оттаму е јасно зошто најпрво е потребно да се откажеме од себе, односно од она што е грешно и земно во нас, за да го примиме крстот.

За да се земе крстот врз себе, пред сѐ, потребно е да се откажеме од своето тело и неговите желби, а да му се дава само толку колку што му е неопходно за опстојување. Потребно е да се смири умот, да признаеме пред Бога дека сме виновни и да се предадеме на Господа. Потребно е со силна вера да се откажеме од гревовната волја и неопходно е да се изучува светото Евангелие, но и да се исполнува.

Откажувајќи се од земните страсти и гревови, христијанинот постанува способен да го земе својот крст со покорност кон Бога, истовремено повикувајќи ја Божјата помош за закрепнување на својата немоќ. Така ги поднесува сите маки храбро, сметајќи дека со своите страдања се присоединува кон Христовите страдања. Својот крст е тежок, но тогаш кога се преобразува во Христов крст тој прима олеснување и станува радосен, како што и Христос вели: Зашто јаремот Мој е благ и бремето Мое е лесно (Мт. 11, 30).

Трпеливото носење на крстот е сознание за гревовите и вистинско покајание, кое, пак, носи радост и духовно наситување. За време на гонењето на христијанството, еден маченик страдал и ја повикал и својата сопруга да прими мачеништво, а таа одговорила – се плашам дека ќе се откажам од Христа кога ќе ги видам страшните страдања, болки и маки. А тој ѝ одговорил: надевај се на Господа нашиот Исуса Христа, и твоите маки ќе бидат елеј излиен врз телото и духовна роса во коските твои и ќе исчезнат сите твои маки.

Крстот е сила и слава во сите векови. Крстот е лекар на страстите, погубувач на демоните, но и смртоносен за оние кои својот крст не го преобразиле во Христов крст. Тие кои со својот крст роптаат против Божјата промисла и Го хулат, се предаваат на безнадежност и очајание. Крстот Христов вознесува од земјата кон небото. Распнатиот Христов ученик уште тука на земјата со умот и срцето претстојува на небото, а во идниот живот секогаш ќе биде со Господа, Кој вели: каде што сум Јас, таму ќе биде и Мојот слуга (Јн. 12, 26). Амин.