АктуелноОхрид

Пред граѓаните на Струга и Дебарца презентирани новите можности од ИПАРД 3 програмата

Денеска Информативната теренска кампања за презентација на новостите и можностите со новата ИПАРД 3 програма караванот на претставници на секторот ИПАРД при МЗШВ и Платежната  ја продолжија во Дебарца и Струга.

Во текот на утрешниот ден караванот продолжува со инфо денови во Лозово од 11 часот во зградата на општината и во Чашка од 14 часот во зградата на општината.
Информативна кампања ИПАРД 3 – НОВИ МОЖНОСТИ ЗА МАКЕДОНСКОТО ЗЕМЈОДЕЛСТВО, има за цел да ги доближи до секој еден потенцијален корисник сите новости и можности кој ги нуди оваа програма.

Прва земја во регионот сме која стартува со реализација на новата ИПАРД 3 програма. Вкупната вредност на новата ИПАРД 3 програма изнесува 97 милиони евра, европски неповратни средства наменети за модернизација и развој на македонското земјоделство.

Првите 30 милиони евра веќе се на располагање за инвестиции со првиот јавен повик , на 1 септември го распишавме првиот јавен повик од новата ИПАРД 3 програма кој се однесува за мерките 1 и 7. Овој јавен повик е отворен до 15 октомври, со можност за продолжување до 1 ноември 2023 година.

Мерката 1 од јавниот повик се однесува на инвестиции во основни средства на земјоделски стопанства, а како приоритетни сектори се јавуваат растителното производство, сточарското производство, производството на риба, потоа преработка  и маркетинг на сопствено земјоделско производство на земјоделско стопанство и инвестиции во обновливи извори на енергија за сопствени потреби.

Додека мерката 7 од јавниот повик се однесува на диверзификација на фарми и развој на бизниси, а како приоритетни сектори се јавуваат алтернативно земјоделско производство, преработка на алтернативни земјоделски производи, производство на прехранбени производи и пијалаци, производство на не-прехранбени производи, поддршка на занаетчиски активности, поддршка на услуги за рурално население, поддршка на услуги во земјоделство и поддршка на рурален туризам.

Информативните презентации ги спроведуваат претставниците на секторот ИПАРД при МЗШВ и Платежната Агенција, детално објаснувајќи ги новостите од ИПАРД 3 програмата, како и можностите за инвестиции со првиот јавен повик од ИПАРД 3 за мерките 1 и 7.

Дополнително сите заинтересирани корисници или група на граѓани кои пројавуваат интерес за одржување на инфо средба каде би биле запознаени со новата ИПАРД 3 програма, можат по електронски пат да закажат средба на меил адресата info@ipard.gov.mk, или телефонски преку секторот за ИПАРД при МЗШВ https://rb.gy/0rbab