понеделник, ноември 25, 2024
АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Востоличен Митрополитот Крушевски и Демирхисарски г. Јован

Денеска, во историскиот храм-паметник „Свети Николај Чудотворец“ во херојскиот град Крушево, се изврши востоличувањето на новиот Митрополит Крушевски и Демирхисарски, Неговото Високопреосвештенство г. Јован.

Востоличувањето беше извршено на Светата Архиерејска Литургија на којашто чиноначалствуваше Митрополитот г. Јован, кому му сослужуваа Високопреосветените Митрополити: г. Петар Преспанско-пелагониски, г. Јоаникиј Црногорско-приморски и г. Григориј Кумановско-осоговски; Преосветените Епископи: г. Пахомиј Врањски, г. Јоаким Дељадровско-илинденски, г. Марко Делчевско-каменички, г. Давид Дремвицки, г. Климент Хераклејски и г. Јаков Стобиски, како и јеромонаси и свештеници.

Нашето монашко братство, возглавено од Старецот Епископ Антаниски г. Партениј, Му благодари на Бога и искрено се радува за братското помирување со почитуваниот Архиереј Христов г. Јован, а нему му упатува најтопли благопожелби за успешна и плодоносна работа со доверената му паства на нивата Господова, за слава Божја и за радост на Црквата православна.

Накрај, уште еднаш срдечно и јавно му се заблагодаруваме на Неговото Високопреосвештенство Митрополитот г. Јован за љубезната покана да земеме учество во чинот на неговата интронизација. За жал, и покрај нашиот потврден одговор, бевме спречени да отидеме во Крушево, бидејќи од необјаснети причини, целиот чин на востоличување беше условен со нашето неприсуство. Се прашуваме која е потребата да се поттикнува раздор и да се создаваат спротивставени табори на самоповикани „патриоти“ и измислени „предавници“, кога сите ние сме дел на едното Телото Господово. Според кои канони и според која традиција се оправдуваат и не се подведуваат на опомена, па и санкција, ваквите дејанија? Но, нека добриот наш Бог се смилува врз сите и нека ни го испрати духот на разумот, на вистинското помирение и на единството во името Негово.

 

 

Бигорски Манастир