Левица како Политичка партија и глас на народот секогаш реагира и дејствува кога е во прашање македонската посебност и антифашистичка историја. Со гордост до целокупната јавност објавуваме дека по иницијативата на Левица, од централен регистар избришани се: фашистичките клубови „Ванчо Михајлов” во Битола, и “Цар Борис Трети” во Охрид.
На 06.10.2022 година Левица поднесе иницијатива за забрана на новоотвореното Здружение „Цар Борис Трети“ до ОЈО Охрид. Поради отворањето на контроверзното здружение именувано по фашистичкиот државник, слуга на Хитлер и борец против македонизмот, Левица – Охрид на 7-ми октомври 2022 ја повика целокупната здраворазумна јавност на протест против уривање на уставниот и државен поредок на Република Македонија и против разгорувањето на национална омраза.
Илјадници демонстранти на протестот дојдоја со бројни транспаренти, свирки, реквизити и извикуваа: „Не за бугарскиот Хитлер!“, „Смрт на фашизмот-Слобода на народот!“, „АСНОМ Живее!“, „Со фашисти не сме исти – ние сме антифашисти!“, „Предавници фашисти, клети врховисти“, со цел зачувување на достоинството на македонската нација и споменот на македонските антифашистички борци, како и да не дозволиме рушење на интегритетот на државата.
На протестот имаше и обид за апсење од непознати причини. Протестот против глорификација на фашистичките крвници беше проследен од бројни новинарски екипи: локални, национални и интернационални.
Согласно измените на Законот за здруженија и фондации се забранува граѓански здруженија, фондации и политички партии да користат имиња, прекари, псевдоними кои се поврзани со фашизам, нацизам, геноцид, Третиот рајх и сл. Законот е со ретроактивно дејство и се однесува на веќе регистрираните здруженија и фондации и предвидува оние што нема да постапат според наведените измени, да се бришат од регистарот откако одлука ќе донесе министерот за правда.
На 28.03.2023 Министерството за правда соопшти: „Комисијата за употреба на имиња на личности смета дека евентуалното именување на здружението со таков назив предизвикува тензии и нетолеранција во целото македонско општество. Се наведе дека тој е одговорен за злосторства извршени за време на бугарската окупација на Македонија во Втората светска војна, при што се ликвидирани стотици граѓани. Посебно беше потенцирано мислењето дека неговата соработка и сојузништво со Третиот рајх и нагласената антисемитска политика се најдиректно одговорни и за депортацијата и екстерминацијата на илјадници Евреи од Македонија во логорот на смртта Треблинка“. Заклучокот ќе се проследи до министерот за правда кој ќе треба да донесе решение за бугарскиот клуб од Охрид.
Локалниот огранок на Политичката партија Левица потсетува дека Мајка Македонија раѓала и ќе раѓа горди синови и ќерки Македонци, кои секогаш ќе бидат на браникот на асномските темели, заветени дека фашизмот нема да воскресне!
Левица, локален огранок Охрид