среда, ноември 27, 2024
АктуелноОхрид

Посета на Архиепископот Михаловско-кошички г. Георгиј од Православната Црква на Чешките земји и Словачка

Во поклоничка и братска посета на нашата Свештена Обител денеска допатува Неговото Високопреосвештенство, Архиепископот Михаловско-кошички г. Георгиј од Православната Црква на Чешките земји и Словачка, заедно со својата чесна придружба, презвитерите Василиј и Богуслав. Ценетиот гостин беше гостољубиво пречекан со свечен манастирски пречек иподохи, кој му доликува на архијерејското достоинство. По молитвената поворка за пречек со Светото Евангелие, во сечесниот Храм на Претечата беа испеани пригодните песнопенија за дочек на Архијереј, а потем нашиот Старец, Епископот Антаниски г. Партениј и Игумен на Свештената Бигорска Обител, му упати на Архиепископот поздравно обраќање:

„Ваше Високопреосвештенство, почитуван Архиепископе  г. Георгие,

Добро ни дојдовте во нашата Света Обител! Секогаш кога ни доаѓа Архијереј во Манастирот, за нас станува посебна радост и тоа го сметаме како празник во Господа. Ова важи уште повеќе сега кога нашата помесна Црква е во канонско единство со сета православна екумена, па така, го имаме тој благослов сè почесто да доаѓаат гости кај нас. Со тоа ние на наш терен ја почувствуваме соборноста на православната Црква. Се радуваме што благоволивте да ја посетите нашата Света Обител која има долгогодишна историја. Имено, пред две години таа ја прослави илјадагодишнината од своето постоење, кога во далечната 1020 година беше основана од византискиот цар Василиј II и ктиторот на нашата Света Обител, кој воедно се јавува и како прв Архиепископ Охридски – Свети Јован Дебранин. Затоа, во оваа пригода сакаме да Ви подариме една архијерејска енколпија, изработена токму по повод илјадагодишнината на Свештената Бигорска Обител“.

Трогнат од пречекот и гостопримството на Старецот, Архиепископот г. Георгиј одговори со голема љубов:

„Ваше Преосвештенство, драг Игумене на Оваа Света Обител, свети владико Партение,

Големи ми се благословот и честа што денеска влегувам во оваа Света Обител, која е една од најубавите и најомилените на целиот Балкан! За мене е голем благослов тоа што ми се даде можност да се сретнам лично со Вас, кој сте мошне познат во целиот православен свет, а и со сето Ваше братство. Од срце се заблагодарувам за неочекуваниот дочек! Ние дојдовме кај Вас како прости патници, верници, со цел да се поклониме на Светињите, да земеме благослов од оваа Света Обител, а Вие нè пречекавте како вистински свои браќа и тоа на величествен начин!

Ви го носам Вам, Ваше Преосвештенство и вам, сечесни отци, поздравот и благословот на светата моравска земја, затоа што нашите две помесни православни Цркви се многу поврзани меѓу себе, почнувајќи од мисијата на Светите Браќа Кирил и Методиј. Она што денес може да се види во Охрид; ова што може да се види овде, во оваа света Обител, ќе можеше да се види и кај нас, доколку не беа протерани учениците на Светите Кирил и Методиј. Но благословот благоволението Божји биле други, па така ние денес доаѓаме од Кирилометодиевска Моравија, за да се поклониме на делото и мисија на Светите Климент, Наум, Ангелариј, Горазд, Сава – кои дејствувале на овие свети простори.

И не само преку Кирилометодиевската мисија сме поврзани ние, Преосветен Владико и досточесни отци, туку во свое време и преку Битолската богословија, која пред Втората светска војна подготвила доста свештеници и богослови за тогашната Чехословачка, денешните Чешка Република и Словачка. Поврзани сме, се разбира, и преку словенскиот јазик и што е најважно, преку светата православна вера. Особено се радуваме што можеме одново да заедничариме во едната евхаристиска Чаша и да Го прославуваме нашиот Господ Исус Христос, хранејќи се за живот вечен и за благослов, наш и нашите помесни црква. Да ви кажам една работа: кога се случи канонското единство на вашата Црква, нашиот народ во епархијата, но и не само таму, туку и во целата наша помесна Црква – ова го знам, бидејќи многумина ми пристапуваа отсекаде – го дочекаа тој миг со солзи. Ние можеби не се познававме досега, но тоа што го кажав, тие духовни врски се чувствуваат кај нас и ние се радуваме одново и Му благодариме на Господа, што измеѓу сите тие лоши вести од православниот свет и не само, ова што се случи пред неколку месеци беше навистина една позитивна вест, која покажува дека Црквата Христова е права Вселенска Црква, која има дар да го исцели секого и сите. Уште еднаш Ви се заблагодарувам за неверојатниот пречек и за Вашата љубов!“

Во продолжение, Архиепископот и отците имаа средба со Старецот г. Партениј, на која разговараа за повеќе актуелни теми во православната екумена. Исто така, почитуваните гости ги разгледаа содржините на манастирскиот комплекс, а во Бигорската книгохранителница разговараа со библиотекарите за теми поврзани со Литургиката и со современите преводи на Светото Писмо.

 

 

Бигорски манастир