Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков денеска присуствуваше на отворањето на двете научни конференции „INSCOSES 2022“ и „EERIA“ што се одржуваат на Факултетот за туризам и угостителство во Охрид.
На настаните учествуваат претставници од 20 Европски земји, а предавања од областа на туризмот и осигурувањето ќе одржат еминентни професори и научници од Светот.
Во своето поздравно обраќање пред присутните градоначалникот, Кирил Пецаков, истакна:
– Почитувани организатори и учесници на двете научни конференции „INSCOSES 2022“ и „EERIA“ ви посакувам топло добредојде , пријатен престој во Охрид и успешна работа на вашите два научни собири.
Примете ја и мојата благодарност што го избравте Охрид , како место за одржување на конференциите , зошто со тоа ја потврдувате нашата стратешка определба за развој на научниот туризам.
Импозантниот број на учесници од 20 Европски земји и еминентните предавачи од областа на туризмот и осигурувањето доволно говорат за тежината на овој настан со светско реноме.
Туризмот е нашата стопанска гранка која целиме секогаш да ја усовршуваме и надополнуваме затоа што сме еден од најголемите туристички центри во државава и регионов. Научните сознанија се најмоќното оружје кое може да го промени Светот на подобро и токму затоа јас верувам дека овој настан на кој ќе се разменуваат ставови и искуства за Туризмот и Осигурувањето ќе бидат применети и во нашава високообразовна институција каде денес се наоѓаме, а подоцна и во пракса.
Деновиве вие многу стручно и посериозно ќе разговарате на теми од областа на туризмот и осигурувањето. Но ви препорачувам да одвоите време за заедничко дружење и обиколка на нашиот град и да ја почувствувате неговата древност и сегашност.
Во древниот Охрид свои траги оставиле многу цивилизации. 7 000 години на овие простори се градел вонвременскиот културен и духовен мозаик, кој дополнително ни дава сила полесно да ги прескокнуваме препреките на сегашноста и да ги прифаќаме предизвиците на иднината. Охрид плени со убавини на секој агол. Тој функционира како идеален склоп на традиционалното и модерно време со многу културно – историски знаменитости, цркви, археолошки локалитети и музеи и секако кафулиња и ресторани за сечија душа.
Прошетајте во Охрид посетете ги неговите убави места и јас сум убеден дека повторно ќе сакате да се вратите кај нас – рече градоначалникот Пецаков.
општина Охрид