вторник, ноември 26, 2024
АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Бигорски манастир со соопштение по повод утрешната манастирска слава, Отсекување на главата на Св.Јован Крстител

Во пресрет на главната манастирска слава на Свештената Бигорска Обител, во спомен на Отсекувањето на главата на Свети Јован Крстител – нашиот небесен закрилник и застапник, ја имаме честа да ве поканиме на:

сабота, 10 септември

16:00 ч. – Мала вечерна богослужба;

17:00 ч. – трпеза за гостите што престојуваат во Манастирот;

19:30 ч. – духовна трпеза за верниците и љубителите на Свети Јован Претеча, односно празнично повеќечасовно бдение, со Повечерие, Вечерна, Утрена и Часови, на кое ќе претстои Старецот и Игумен на Бигорската Обител, Неговото Преосвештенство, Епископот Антаниски г. Партениј.

недела, 11 септември

8:45 ч. – пречек на надлежниот Митрополит Дебарско-кичевски, Неговото Високопреосвештенство г. Тимотеј и на некогашниот собрат на Бигорската Обител, Митрополитот Тетовско-гостиварски, Неговото Високопреосвештенство г. Јосиф.

9:00 ч. – Света архиерејска Златоустова Литургија.

Славното Бигорско Светилиште, кое низ вековите било и останало гордост и пофалба на нашите предци и столб на нивната православна вера и самобитност, особено за жителите на овие краишта, и денес со истата ревност продолжува да сведочи за евангелската Вистина и да ја јакне верата на народот. Затоа, да ја покажеме и ние должната почит кон Светиот Јован Крстител и нашата пожртвувана љубов кон неговото вековно Светилиште, стекнувајќи го на тој начин благословот на Светиот Претеча. Ја имаме големата чест и радост, во името на Христовиот Пророк и Крстител, да ги поканиме сите благочестиви Христијани и почитувачи на свештеното дело на Свети Јован, да се присоединат кон неговото големо торжество, бидејќи тој, во денот на својот најголем празник – Усекновение на неговата чесна глава, е особено благодатно присутен и преку својата славна и чудотворна Бигорска икона и преку неговите свети мошти што се чуваат во нашиот Манастир, ги слуша и исполнува молитвите на оние што со љубов и вера го повикуваат; тоа е денот кога „најголемиот меѓу родените од жена“ ја излева својата од Бога добиена благодат врз сите што ревносно го чествуваат неговиот спомен. И кога секој човек неизмерно се радува кога ќе биде посетен од своите драги пријатели на денот на својата свеченост, тогаш колку ли, пак, повеќе Светиите Божји ги милуваат оние кои ги чествуваат! Молитвите на Свети Јован Пророк, Претеча и Крстител, да бидат со сите нас!

 

Бигорски манастир