АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Доказ дека Бог постои

Со тоа дека Бог постои не се сомневаат ниту оние што го прифаќаат Светото Писмо – и Стариот и Новиот Завет – ниту, пак, повеќето од Елините, Како што веќе кажавме, знаењето дека Бог постои е всадено во нас природно. Но, бидејќи омразата на лукавиот спрема човекот станала толку голема што некои од луѓето ги одвлекла во најнеразумната и најстрашна бездна на пропаста – дотаму да тврдат дека Бог не постои – та поради нивното безумие толкувачот на Божествените слова, Давид, морал да напише; Рече безумниот во срцето свое: „Нема Бог“ (Псалм 14:1), учениците на Господа и Негови апостоли, исполнети со мудрост преку Светиот Дух и правејќи чуда преку Неговата сила и благодат, ги фаќале таквите луѓе во мрежата на чудата и од длабочината на незнаењето ги извлекувале на светлоста на богопознанието, На сличен начин и нивните наследници на благодатта и на достоинството – пастирите и учителите – примајќи ја просветлувачката благодат на Духот, со силата на чудата и со благодатни зборови, ги просветлувале оние што оделе во темнина и заблудените ги враќале кон Христос. Ние, пак, коишто не ги примивме ниту дарот за правење чуда ниту благодатта за поучување [зашто, поради нашата приврзаност кон задоволствата, станавме недостојни], сакаме да изнесеме дел од она што ни е предадено од страна на толкувачите на благодатта, повикувајќи Го на помош Отецот и Синот и Светиот Дух.

Се што постои е или создадено, или несоздадено. Ако нешто е создадено, тоа е и променливо; зашто, нештата чие постоење започнало со промена, и самите безусловно подлежат на промена – додека не пропаднат или не се променат според сопствената волја. А она што е несоздадено – следејќи ја истата логика – е и непроменливо: зашто, ако нешто ѝ е спротивно на природата на сопственото постоење, тогаш и поимањата за тоа како тоа постои, односно за неговите квалитети, исто така се спротивни. Кој, тогаш, нема да се согласи дека се што постои и што ни е достапно преку нашите сетила, па дури и ангелите, се менуваат и се преобразуваат, и се движат многуобразно? И дека она што му е достапно само на умот – мислам на ангелите, на душите и на демоните – се менува според сопствената волја, дека напредува во доброто или се оддалечува од него и дека се издига или пропаѓа? И дека останатото се раѓа и умира, расте или се смалува, го менува својот квалитет и местоположбата? Оттука следува дека она што постои е и менливо, а тоа значи и создадено. А штом нешто е создадено, некој мора да го создал. Самиот Творец, пак, мора да е несоздаден, зашто ако и Тој е создаден, очигледно дека некој друг Го создал, додека така не дојдеме до нешто што е несоздадено. Така, бидејќи е несоздаден, Творецот е и непроменлив. А кој друг би можел да биде Тој, освен Бог?

Но, и самото умножување, одржување и управување на созданието не учи дека постои Бог Кој сето тоа го создал и Кој сето тоа го содржи, го запазува и промислува за него; зашто, како би можеле спротивните природи, какви што се природите на огнот и на водата, на воздухот и на земјата, да се соединуваат една со друга и да формираат еден целовит свет и да останат неразделни, ако не постои некоја семоќна Сила што ги соединила и што ги држи неразделни една од друга?

Кој го устроил сето она што е на небото и на земјата, се што се движи во воздухот и во водата; а уште повеќе, во споредба со сето тоа, небото и земјата и воздухот, како и елементите на огнот и на водата? Кој сето тоа го соединил и го разделил? Кој сето тоа го придвижил и кој управува со тоа непрестајно и непопречувано движење? Нели е тоа Уметникот на создавањето, Оној што во се што е создадено го втиснал Својот закон според кој секое нешто се движи и се управува? А Кој е творецот на сето тоа? Нели е тоа Оној што сето тоа го создал и го привел во постоење? Зашто, не можеме сите нешта да и ги припишеме на случајноста. Та дури и ако сите нешта настанале случајно, чие дело е устројувањето на настанатиот свет? Ако дури и за устројувањето посакаме да кажеме дека е резултат на случајност, што е тогаш тоа што нештата ги држи и ги запазува согласно со законите според кои тие биле создадени од почетокот? Секако, не случајноста. А што друго може да е тоа, освен Бог?

 

Бигорски манастир