АктуелноНаш изборНаш ИзборОхрид

Епископот Аморејски г. Никифор од Вселенската Патријаршија на бдение во Бигорски

Великиот Божји Претеча и Крстител Свети Јован уште од попладнево започна да излева обилни благослови врз својата славна десетвековна Обител над Радика, во чест на своето чудесното и сечесно Рождество. Како што му доликува на неговото Божествено величие, празничното торжество на Свети Јован започна со свечениот пречек на Епископот Аморејски г. Никифор, Игумен на Светата Патријаршиска Ставропигијална Обител на Влатадите во Солун, архиереј од свештената јерархија на Првопрестолната Црква, Вселенската Патријаршија. Владиката Никифор и неговата чесна придружба беа пречекани со официјален манастирски пречек, кој содржеше литија со Светото Евангелие, молитвословие, многулетие и пригодни слова. Во своето обраќање кон ценетите гости, нашиот старец и игумен, Епископот Антаниски г. Партениј, искажа голема благодарност кон Вселенската Патријаршија и кон личноста на Епископот г. Никифор, за нивната пожртвувана грижа за прифаќање на нашата Црква во евхаристиско и канонско единство со целиот православен свет.

Епископот Аморејски г. Никифор ќе претстои на празничното сеноќно бдение и ќе сослужува на Божествената Евхаристија. Освен со неговото ценето присуство, годинешнава манастирска слава е свештено збогатена и со доаѓањето на бројни архимандрити, свештеници, монаси и верници од соседните православни Цркви на Албанија, Бугарија, Грција и Србија, а православни Христијани допатуваа специјално за бигорската слава дури од Франција.

Бигорски манастир