вторник, ноември 26, 2024
АктуелноНаш ИзборНаш изборОхрид

Делата на Свети Наум Охридски – Чудотворец

Оваа недела се празнува споменот на Свети Наум Охридски – Чудотворец. Свети Наум Охридски е роден во првата половина на деветиот век. Сакајќи да ги следи чекорите на словенските браќа Свети Кирил и Свети Методиј се откажува од богатството и угледот и тргнува на пат кон својата цел.

Свети Наум Охридски е еден од основоположниците на словенската и македонската писменост. Основач е на Преславската книжевна школа, работел во Охридската книжевна школа продолжувајќи ја дејноста на Свети Климент Охридски, бил учител, просветител, автор на две кратки житија и имал познавања од народната медицина. Во близина на Охрид го изградил манастирот Свети Наум. Црквата изградена до манастирскиот комплекс е посветена на Светите Архангели Михаил и Гаврил.

Заедно со словенските браќа Свети Кирил и Свети Методиј учествувал во Моравската мисија.

И денес многу луѓе кои веруваат во чудотворноста на Свети Наум Охридски доаѓаат во манастирот за да побараат исцеление. Околу манастирот има повеќе свети води, меѓу кои и на Света Петка и Свети Атанасиј.

Свети Наум Охридски починал на 23 декември 910 година, а неговите мошти се наоѓаат во гробот во манастирот Свети Наум, покрај Охридското Езеро.