вторник, ноември 26, 2024
АктуелноИнтервјуаОхрид

Поповиќ: Се е подготвено за почетокот на „Охридско лето“ – како што се ближи почетокот, така расте и возбудата

Четирите светски познати тенори од Италија, Алесандро Косентино Де Акриса, Федерико Сера, Џовани Мариа Палмиа и Уго Тарквини под диригентската палка на Лоренцо Бицари придружувани од Оркестарот на Националната опера и балет, ќе го отворат 62-то издание на фестивалот „Охридско лето“,на 12 јули на Античкиот театар во Охрид . Од 12 јули до 20 август, на отворените сцени Антички театар, Долни Сарај, Предворје на црквата Света Софија, како и самата Црква Света Софија и Центарот за култура, ќе пречекаме над 1000 уметници од 25 земји, најави директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ, потсетувајќи дека врвни светски и докажани уметници годинава ќе испишат уште едно успешно фестивалско издание.
За тоа како течеа фестивалските подготовки и за тоа што да очекуваме годинава, за Ohrid1 открива директорката м-р проф. Наташа Поповиќ. Станува збор за охриѓанка која ја води најпрестижната културна манифестација во државава, фестивалот-бренд на Охрид и Македонија , прославеното „Охридско Лето“.

М-р проф. Наташа Поповиќ студирала на престижниот „ Валпарезо јуниверзити “ во Чикаго на отсекот за пијано каде дипломирала и се стекнала со звање „ Пијанист “.
Во 1991 година таа била во десетте најдобри студенти во Америка и ја добила „Претседателската награда за вонсериски достигнувања “ која и била врачена од тогашниот Претседател на САД Џорџ Буш Постариот. Во 1998 година таа се враќа во Македонија и работи како професор по клавир во средното музичко училиште „ Илија Николовски Луј “ во Скопје.

Ohrid 1: Одбројуваме до почетокот на фестивалот „Охридско лето“. Дали е се подготвено и што да очекуваме годинава?

М-р проф. Наташа Поповиќ: Да, може да се каже дека се е подготвено за претстојното фестивалско издание и во поглед на програмата, и во поглед на сценските простори и се останато за непречено одвивање на настаните. Подготовките траат преку целата година, се преговара, се договара, се вршат техничките работи, така што со задоволство можам да кажам дека како се ближи почетокот на 62-то издание, така ние ги завршуваме и финалните работи. А како што се ближи почетокот, така расте и возбудата.

 

Ohrid 1: По пандемиските години, се чини дека публиката е желна за култура. Охридско лето го нуди токму тоа. Уживање во врвни домашни и странски остварувања, нешто што не смее да се пропушти. Што од годешната програма од музичкиот и дрмскиот дел е најспектакуларно?

М-р проф. Наташа Поповиќ:  Ние и во пандемијата што ја предизвика КОВИД-19 не престанавме да ја шириме културата. Иако работевме во рестриктивен период, сепак успеавме да донесеме уметници од сите страни на светот. Првата година од пандемијата, фестивалското издание имаше скратена но одлична програма, минатата година се работеше со помалку рестрикции и ги одржавме сите 40 фестивалски вечери, а годинава слободно можам да кажам дека беше многу полесно да се донесат светските уметници на нашите сцени. Од самото отворање со врвните четири италијански тенори, па се до крајот на фестивалот, 20 август, ќе понудиме прекрасни патувања во светот на класичната музика, но и одлични драмски претстави со најреномираните театарски куќи.

Ohrid 1: Имате одлична соработка со уметниците од Албанија и Србија. Може ли да ни откриете дали и годинава ќе ги гледаме на сцените на Охридско лето и секако доколку да, што ќе можиме да следиме?

М-р проф. Наташа Поповиќ: Соработката со соседните Албанија и Србија е традиционална. Секоја година ги носиме најдобрите уметници од сите земји, па така и од овие. Од бројната програма би ги издвоила извонредната албанска пијанистка Мерита Реџа Тершана и беспрекорниот виолинист Ермир Абеши, од Србија годинава ни доаѓа маркантниот виолинист Стефан Миленковиќ кој е вљубеник во Охрид и фестивалот „Охридско лето“ со проектот „Кармина Бурана“ заедно со Оркестарот на операта на Српскиот народен театар од Нови Сад, Народниот театар од Белград, а исто така, фестивалската завеса годинава ќе ја спушти Југословенскиот драмски театар од Белград.

 

Ohrid 1: Организаторите на вакви манифестации велат дека штом заврши едното, веќе се преговара за следната година. Ова важи и за оваа реномирана културна установа. И Охридско лето се одржува од 12 јули до 20 ти август. Но, за да се подготви сето тоа што ние ќе го следиме, макотрпно се работи цела година. Трабаше ли долго преговарање со годинешните уметници и усогласување со нивните распореди?

М-р проф. Наташа Поповиќ: Се разбира дека се преговара многу порано пред почеток на фестивалот зашто ги носиме најдобрите и најзвучните уметници кои се барани насекаде низ светот и согласно тоа, тие имаат однапред дефинирана агенда. Затоа подготовките за новото издание на фестивалот започнуваат веднаш по завршување на претходното.

Ohrid 1: Се докажавте дека сте врвен менаџер на ваква културна установа. Кога ве назначија пред четири години за директор, рековте дека ова за вас е голем предизвик,но и преголема чест, и покажавте дека сте вистинскиот човек за оваа позиција. Имате ли некоја желба, некој врвен уметник кој сакате да го донесете на сцените во Охрид?

М-р проф. Наташа Поповиќ: Ви благодарам за убавите зборови во поглед на моето менаџирање. Мислам дека тоа го покажав и докажав на дело и е транспарентно за што сум многу горда. Патем, моите желби се тимски, и не се само мои, туку на целиот тим на „Охридско лето“ и барем засега ги остваривме и може да се погледнат на официјалната веб-страница на фестивалот „Охридско лето“. Се останато нека биде изненадување за во иднина. Верувам дека ќе бидете сите задоволни.

Ohrid 1: Што му недостига на фестивалот Охридско лето, но и на градот Охрид, а во функција на понатамошен раст и развој на фестивалското реноме? Што велат уметниците со кои сте постојано во комуникација? Имаат ли тие посебни барања? Со какви импресии ги испраќате?

М-р проф. Наташа Поповиќ: На градот Охрид и на фестивалот им треба акустична сала која ќе собере побројна публика. Што се однесува до уметниците, тие секогаш заминуваат со прекрасни импресии од самиот настап, од акустичната и безвременска катедрала „Света Софија“ која ние главниот примат за одржување на концертите на класична музика, но и од она што го виделе во градот и околината. Има и такви уметници кои имаат посебни барања, но сето тоа се средува заеднички.

 

Ohrid 1: Додека сите одмараат, вие макотрпно работите. Кога на одмор, дали „полневте батерии“ пред фестивалот, или можеби откако ќе заврши ќе можете кратко да здивнете со семејството?

М-р проф. Наташа Поповиќ: Иако од почетокот до крајот на фестивалот сум деноноќно на работа, слободно можам да кажам дека во тие 40 фестивалски денови и вечери максимално ги „полнам батериите“. Самите фестивалски вечери се празник и за мојата душа. Премногу работа, премногу ангажман, но тоа за мене е голем предизвик и неизмерна среќа. Уште кога ќе видам задоволни и насмеани уметници кои заминуваат воодушевени после нивниот настап на „Охридско лето“, тоа ми дава поттик повеќе, неуморно да работам заедно со мојот тим на наредното издание.Секако дека по завршувањето на фестивалот, ќе си дадам мала оддишка и кус одмор со сопругот и ќерките .

извор:  Охрид 1

фото: Охрид 1