Нова туристичка сезона со стари проблеми. И оваа година на охридско – струшката ривиера фалат работници. Според Крсте Блажески од ХОТАМ, во овој дел на Македонија се потребни од 500 до 1.000 работници, и тоа најчесто келнери и готвачи.
Луѓето кои имаат искуство во овој сектор, поради повисоки плати заминуваат најчесто во Хрватска, а поретко и во Малта. Блажески вели дека немањето кадар се одразува на целокупната слика за нашиот туризам. Објаснува дека две години додека траеше пандемијата, работодавачите настојуваа да ги задржат работниците, да им исплаќаат плати и придонеси, а сега тие се одлеваат на странските пазари на труд. И покрај намалените критериуми, сепак газдите се потешко наоѓаат квалитетен кадар.
„Кадар фали секогаш. Кога ќе стекнат минимум пракса и искуство, работниците при прва прилика заминуваат во Хрватска и ние тука не можеме ништо да направиме. Тоа се одразува на услугата, на туризмот севкупно, па и на туристичката такса која ја добива државата. Има огласи постојано, ама не се јавуваат луѓе за работа, иако во летните месеци можат да заработат по 25.000, или над 30.000 денари. Ако нашите работници се „извезуваат“ во други држави, треба да се овозможи и ние да „увезуваме“ работници или да има ослободување од придонеси за младите до 25 години, и на тој начин тие би добивале повисока плата. Друг начин е, вон сезона државата да ги преземе работниците, и со тоа би ги задржале, а тоа би се вратило назад преку повеќе туристички посети и приходи во турзимот“, вели Блажески.
Проблемот со немање на кадар за во туризмот трае повеќе години. Сепак, Блажески вели дека во минатото беше полесно да се регрутираат сезонци од соседните градови, а денес и нив ги нема. Објаснува дека пред десетина години, млади луѓе од други градови во Македонија во текот на сезоната престојуваа и работеа во Охрид.
Хрватска регрутира работници од Македонија, но од друга страна има многу огласи на кои посредници регрутираат хрватски готвачи за работа во Германија и Австрија.
faktor.mk