АктуелноОхрид

Крстеска: Повеќе од 87 проценти од штрајкувачите во образованието и градинките во Охрид не се задоволни од одлуката и бараат продолжување на штрајкот

Повеќе од 87 проценти од штрајкувачите во образованието и градинките во Охрид не се задоволни од понуденото решение од Владата и се за продолжување на штрајкот до исполнување на барањата, вели претседателката на на Регионален огранок на СОНК во Охрид, Катерина Крстеска.

– Синоќа врз основа на тоа што беше понудено од Влада кон СОНК, одржавме онлајн состанок на ниво на совет. Денес одржав состанок на ниво на регион, синдикалните претставници ќе си одржат на ниво на организација. Штрајкот и денес е во тек, после сумирање на податоците на ниво на држава, на сите штрајкувачи ќе донесеме одлука како ќе биде понатаму, изјави денеска за Супер радио и OhridPress Крстеска.

OhridPress неофицијално дознава дека има поделени мислења помеѓу просветните работници.

– Со жалење можеме да констатираме дека во моментов исклучиво се преговара за проценти. Факт е дека бараме покачување на платата и понудените 12% се прифатливи, ама тоа е најмалиот наш проблем. Покрај тоа на маса ги ставивме и проблемите со кои со години се соочуваме, а до сега СОНК со ниедна влада не успеа ни делумно да ги реши. Доста ни е од ветувања (а и сега тоа се случува) дека ЌЕ се формира комисија која ЌЕ преговара за правото на превоз на вработените, ЌЕ преговара за регрес за годишен одмор, дека ЌЕ ни биде платена дополнителната работа, ЌЕ ОТПОЧНАТ преговори за нов Колективен договор според кој конечно ќе ја добиваме платата што законски ни припаѓа, а никогаш не ни била исплатена. Она што се смета дека нас ни е во рамките на работата, а не се плаќа (додека во минатото се плаќаше), за пратениците, министрите итн. претставува дополнителна работа која дебело си ја наплаќаат. Ние, просветните работници кои учествуваме во создавање на иднината на државата, сега сме ставени на ѕидот на срамот како да бараме нешто што не ни припаѓа. Не џабе се рекло дека ако сакате да уништите еден народ, прво уништете го образованието. Кај нас тоа одамна се случува и за жал, успешно продолжува, реагираат преку допис до OhridPress поддржувачите на штрајкот организиран од СОНК, вработени во ОСУ „Св. Климент Охридски“ од Охрид.

Текстот во целост на: Супер радио и OhridPress