АктуелноОхрид

ВМРО-ДПМНЕ: УЈП затвора маалски дуќани низ Охрид, Битола, Прилеп, додека големите никој не ги чепка

Изминатите неколку дена УЈП предводено од партискиот кадар на СДСМ, Сања Лукареска врши брутална хајка врз најситните трговци и продавници, додека големите трговци никој не ги контролира, велат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Под изговорот „контрола“ на маржите се удира врз најситните дуќанџии додека големите трговски субјекти блиски до власта се заштитени како бели мечки. Тимови составени од партиски кадри влегуваат во ситните маалски продавници и врз строго селективни критериуми, политички селективно изрекуваат казни, и ги товорат со дополнителни трошоци осудувајќи ги на пропаст. Тие не се задолжени да констатираат крупни неправилности туку да извршат хајка врз тие кои не мислат како власта“, додаваат од оваа партија.

Еден од таквите тимови на УЈП, како што посочуваат е предводен од Александар Ѓорѓиоски, претседател на младите на СДСМ Прилеп и актуелен советник, вработен во УЈП.

„Ѓорѓиоски наместо да се соочи со обвинителен акт поради тоа што во време на изборите се закануваше по безбедноста и животот на детето на прилепскиот градоначалник д-р Јовчески, тој дели казни во име на УЈП и затвора маалски дуќани низ градовите Охрид, Битола, Прилеп. Ваквите политички мотивирани хајки говорат дека институциите се киднапирани, но и дека власта губи контрола соочени со драстично малата поддршка и револтот на народот поради неспособната влада“, е наведно во писмената реакција од ВМРО-ДПМНЕ.

Тоа, како што велат, значи дека на СДСМ му гори под нозе и доаѓа времето за одговорност за сите нивни злодела.