петок, ноември 22, 2024
АктуелноИнтервјуаНаш изборОхрид

Спортот е најсилниот антидепресив – како до успех за фит и здраво тело, открива лиценциран фитнес инструктор Бобан Наумоски

Кога ќе се спомне здрав живот веднаш асоцијацијата ни е тренинг, вежби, но и здрава храна. Но се чини дека најповикан со кого можеме да разговараме на оваа тема е Охриѓанецот Бобан Наумоски, лиценциран фитнес инструктор и повеќекратен шампион во бодибилдинг.

NEWS1: Вие бевте првиот Македонец кој ја претставувал Македонија како јуниор на најпрестижниот Светски Бодибилдинг натпревар во 2009та година. Зошто ја завршивте својата натпреварувачка кариера токму тогаш кога бевте најуспешен?

Бобан Наумоски: Најпрвин благодарам на поканата да бидам ваш гостин. Мојата натпреварувачка кариера ја завршив од 2 причини.
Првата и најбитната – финансиските потреби на еден професионален бодибилдер. Не сакам да навлегувам детално колку ме чинело задоволството да бидам 4ри кратен шампион на Македонија и да сум првиот Македонец кој ја претставувал својата земја како јуниор на ИФББ Светското Првенство во 2009та година во Полска, но ќе кажам дека моето семејство ми беше единствената финансиска подршка во моето бодибилдинг патешествие и јас давав се од себе се додека не се потрошија нашите резерви. Државата не беше од никаква помош во тоа време, замислете….јас дури сам си платив и учество и авионски карти за мене и мојот тренер за да ја претставувам нашата земја како дебитант на најелитниот Светски настан за бодибилдери до 23 години.
Втората причина е недостаток на мотивација за да продолжам да се натпреварувам кога ќе се земе во предвид погореспоменатиот финансиски трошок за едни припреми и моите дотогашни успеси. Колку и да звучи самобендисано, вистината е дека се појавив во натпреварувачките води на мои 17 години, се натпреварував во категорија до 23 години, во идните 4 години не пропуштив ни едно државно првенство, а златниот медал беше секогаш резервиран за на моите гради.
По една таква доминација, а толку високи финасиски трошоци, сметав дека немаше што повеќе да си докажувам себе си, или па на другите….и едноставно ја замрзнав мојата натпреварувачка кариера.

NEWS1: Оној што ќе почне да се занимава со спорт неможе да се откаже. На некој начин тоа станува ваш начин на живот. Дали и колку сега вежбате?

Бобан Наумоски: Спортот е најсилниот антидепресив и најдобриот стимуланс во исто време. Без разлика дали станува збор за фитнес, фудбал, и сл. спортот предизвикува лачење на хормоните на среќата, ве исполнува со енергија, ја подобрува вашата физичка спремност, го јакне имунитетот и најбитниот дел за мене е ослободувањето од стресот и постигнувањето на психичка хомеостаза.
Јас моментално паузирам од тренинг поради здравствени причини кои фала му на Бога се под контрола. Фитнесот е дел од мојот живот и секако дека ќе се вратам на тренинг уште првиот момент кога ќе ми биде дадено зелено светло за да го направам тоа.

NEWS1: Вие сте личен тренер. Имате клиенти кои ги подготвувате за натпревари, но и клиенти кои сакаат да ја регулираат својата телесна тежина. Како тренер може најдобро да ни кажете кога може да се постигне најголем успех. Дали можеби дисциплината е најважна или пак упорноста?

Бобан Наумоски: Многу ми е драго што во нашиот град се повеќе се буди свеста на младите дека фитнесот и спортот треба да се дел од нивното секојдневие. Упорноста не може да ви даде успех доколку ви фали дисциплината. Без разлика колку и да е добар вашиот тренер, без разлика дали целта ќе биде намалување на вишокот килограми или зголемување на мускулна маса, 80% од вашите резултати ќе зависат од тоа дали и колку вие се придржувате на вашиот план за исхрана.
За постигнување на вашите резултати секако дека добредојдени се упорноста, мотивацијата и генетиката, но дисциплината е таа која ќе ве донесе до вашата замислена цел.

NEWS1: Вашите искуства што говорат. Дали оние кои ги „навлекувате“ на здрава храна и вежби, генерално по постигнувањето на посакуваните резултати се откажуваат или пак…?

Бобан Наумоски: Откако почнав да работам како фитнес тренер, “низ”моите раце поминале околу 100тина клиенти со кои сум работел персонални тренинзи и уште двојно толку кои сум ги водел онлајн. Се е индивидуално. Краткорочен успех имам кај повеќе од 95% од моите клиенти, но доколку би морал да кажам бројка би рекол дека долгорочниот успех им е 60/40….за жал.
Тоа е така бидејќи луѓето треба да сфатат дека откако ќе ги постигнат своите резултати треба да продолжат да го прават она што ги довело до тие резултати…а тоа се правилниот начин на исхрана, спортување барем 3 пати неделно и редовен сон.
Едно нешто е загарантирано. Доколку некој кој постанал фит почне да го прави тоа што го правел во минатото, повеќе од сигурно е дека ќе се врати на тој изглед што го имал во минатото.

NEWS1:Спомнавте онлајн тренинзи. Пандемијата не натера да изнаоѓаме начини да продолжиме со нашето секојдневие, но на „поинаков начин“. Да продолжиме со тренирање, но да не сме во просторија со многу луѓе. Се чини дека вие пронајдовте идеален начин да ги задоволите потребите на клиентите, а сепак да ги заштитите од контакти и короната. Создадовте online менаџмент на клиенти. Може ли да ни објасните што значи и како работите?

Бобан Наумоски: “Благодарение” на короната се поголем е трендот на луѓето да спортуваат во природа или во сопствениот дом , а да ги избегнуваат местата каде има голем метеж како теретаните. Ние најупорните бевме и приморани на 2 пати минатата година да паузираме по 30-60 дена поради рестриктивните мерки.
Тие настани ме натераа да размислувам “out of the box” па дојдов до извонредно решение со кое би бил блиску до моите клиенти кои се “чуваат” од короната, а во исто време станав достапен до секој потенцијален клиент на овој Свет. Добив идеа да го искористам Интернетот и да направам апликација за online менаџмент на клиенти. По долготрајното планирање како се да изгледа за да биде едноставно а сепак функционално, го контактирав Горан Апостолоски – софтверски инженер, а мој поранешен бодибилдинг тренер знаејќи дека со една реченица ќе знае што јас точно сакам.
Апликацијата беше готова за неполни 2 месеца, а јас тоа време го искористив да ги завршам обврските за отворањето на мојот бизнис, па сега можам да се пофалам дека сум и единствениот персонален тренер во Македонија кој своите услуги ги нуди на најлегален начин, преку фирма.
Апликацијата е достапна за клиенти од целиот Свет на домаинот www.naumoski.fit ,а работи на принцип што по одбирање на саканиот пакет услуги и плаќањето со дебитна/кредитна картица се врши креирање на персонален профил за клиентот со кој се добива достапност до внатрешноста на апликацијата во која клиентите ги добиваат персонализираните тренинзи и/или диетата.

NEWS1: Што би препорачале за крај за нашите читатели?

Бобан Наумоски:Мојата порака ќе биде кратка. Водете грижа за вашето тело и вашето здравје бидејќи тоа е единственото место во кое вие ќе живеете до крајот на вашите животи.