Во ова време – невреме, во време на пандемија, во време кога секој се плаши за своето, но и за здравјето на најблиските, во време кога многумина остануваат без работа и егзистениција, во време кога по медиумите се слуша само за заболени и починати, во време кога главна пепорака е социјална дистанца и седење дома, мора да се сложите дека ни треба доза ПОЗИТИВНА мисла. Токму поради тоа разговараме со Зоран Витанов. И покрај тоа што на многумина им е веќе познат, сепак накратко Витанов е среќно оженет човек, татко на три прекрасни деца, по професија економист кој што е заљубен во својата професија и во своето семејство. Роден во Струмица, образован во основно и средно училиште во Струмица, пораснат во Струмица, а од 1998-та година со семејството живее во Скопје.
Витанов неодамна ја објави својата прва книва „Воскресни жив“. Книгата е наменета за секој оној кој знае дека во животот може да постигне многу повеќе од она што го постигнува во моментов. Тој вели: За миг неможете да постигнете успех, но за миг може да го смените правецот.
Витанов е економист, која имаше и политичка кариера од 2001 година, кога беше именуван за заменик министер за економија. Во неговото политичко “досие“ се вбројува и пратеничкиот мандат 2006/2008 година, период во кој тој е и член на парламентарната комисија за финансии и буџет и парламентарната комисија за транспорт, градежништво и економија. Но, по неговото повлекување од политичката сцена, Витанов се посветува на консалтингот и бизнисот. И токму тогаш Витанов станува еден од најгласните критичари на вкупните економски политики. Тој е основач на Асоцијацијата на менаџери на Македонија и основач на Асоцијацијата на менаџери на Југоисточна Европа..
Во една прилика Витанов рече: “Одлучив да работам за себе, но, немав капитал. До тогаш верував дека се важни парите, а не идеите. Но, подоцна увидов дека не е баш така, дека менаџмент моделите на 20ти век веќе не се вклопуваат со потребите на 21ви век. Време беше да се промениме, бидејќи и економијата беше сменета. Софтверската технологија напредна енормно. Промените се кон “фигитал” (PHYsical & diGITAL), креирајќи нов бизнис дизајн, со спојување на дигиталните и физичките светови во сите аспекти на човековиот живот. … менаџмент моделите на 20ти век веќе не се вклопуваат со потребите на 21ви век. Дигитализацијата ми стана алатка за лична промена! Порано бев од оние кои “кои знаат се”, сега сум од “оние кои учат се”! Сватив дека незнам, а мислев дека знам!”
Охрид 1: Ова размислување ве промени многу. Мислите ли дека секој треба грешките да ги бара во себе и да се промени, затоа што попусто се трудиме да ги промениме другите?
Зоран Витанов: Среќата не е во тоа како не гледаат другите, туку како се гледаме во огледало? Да почнеме од крајот: моја животна девиза е дека не треба да се грижиме за тоа како не гледат другите (не треба да се грижиме за нашиот углед), туку за нашиот карактер, бидејќи карактерот е тоа што вие навистина сте, а угледот е она што другите мислат дека сте. Невозможно е да ги промените другите, а за миг можете да се промените себе.
Охрид 1: Вие сте успешен бизнисмен во моментов. Мислам дека вие сте вистинскиот човек кој може да внесе многу оптимизам во луѓето, пренесувајќи ги своите лични падови и подеми. Може ли да го објасните ваше мото: Ако се фокусираш на успехот, успехот ќе се фокусира на тебе!
Зоран Витанов: Мислам дека е разбирливо само како такво. Овде клучен збор не е успехот, туку фокусот. Без фокус нема успех. Живееме во ера на дефокусирање. Еве, додека ви одговарав на прашањата, добив 7 пораки и 3 телефонски повици. Модерниот човек денес добива над 100 деструкции во 24 часа. Во такви услови без свесност за важноста на фокусот, невозмоижно е да сте успешни. Ако ниту сонцето, како тело со највисока температура, без фокусирање на зрацит е со лупа не може да створи оган, што се занесуваме ние, дека без фокус можеме да постигнеме успех. Тајната на успехот е во фокусот.
Охрид 1: Живееме во време на пандемија. Денес утре ќе помине… Да вирусот ќе помине, но што е со економијата и бизнисот на многу бизнисмени кои трпат голема штата. Не ми целта да прашам како да заработат, туку како да размислуваат овој период. Велат ништо не доаѓа случајно. Од се треба да се извлече лекција во животов и треба да се размислува позитивно. Имате ли совет до оние кои ги затворија вратите на своите бизниси, како да размислуваат и како да се кренат духовно, затоа што финансиското само ќе си дојде?
Зоран Витанов: Секоја промена носи шанси и закани за бизнисите. Колку е поголема и побрза промената, толку и шансите и заканите се поголеми. Сум прочитал дека на кинески зборот “криза” имал двојно значење: опасност и шанса. Интересно е што кризата експлицитно не е ниту опасност ниту шанса. Имено, доколку сме ние претприемчиви и храбри, во секоја промена гледаме шанса, а доколку сме непретприемчиви и уплашени, во секоја промена гледаме закана. Промените со короната беа брзи и големи, со тоа и шансите се големи. Погледнете како реагираат луѓето. Додека некои се загрижени што им е укината слободата на движење, другите апелираат на целосна забрана на движење и тотална вакцинација. Првите се претприемчиви и храбри, другите се непретприемчиви и уплашени. Во бизнисот, некои менаџери бараат помош од државата и отпуштаат вработени, други се прилагодуваат на он лајн бизнис и пренаменуваат средства во бранши чиј промет расте. Познавам текстилни компании во Македонија кои молат за помош од државата, а познавам и такви кои отворија погони за производство на маски, ракавици…Непретприемчивите луѓе сметаат дека тие се компетентни, но околината не им чини, додека претприемчивите луѓе секогаш знаат дека треба да работат на себе, на своето знаење и дека во околината има безброј шанси, посебно при големи промени. Првите не се спремни да учат, бидејќи тие “знаат се”, додека другите не престануваат да учат, бидејќи се зависи од нив.
Охрид 1: Повторно ќе ве цитирам од една ваша изјава, затоа што ми привлече внимание. Велите: Ако јас можев, секој може. Внимавајте кого слушате, видете што ве исполнува, дознајте кој е веќе успешен во тоа што вас ве исполнува и учете од него, а не од секого! Како да ги препознаеме вистинските од кои треба да учиме?
Зоран Витанов: Едноставно е: Учете од оној кој успеал повеќе од вас, во областа во која вие сакате да успеете и воопшто да не ве интересира што за тоа мисли медиокритетстката средина.
Охрид 1: Минатото го влечеме како товар скоро сите. За жал кај многумина не е толку убаво. Имате ли совет како да се сврти нова страна во животот. И повторно се враќаме на истото како да се избрише нешто што останало врежано во главите од типот, како не зарем јас можам да направам пари? Нели тоа е најголемата пречка кај многумина поради која неможат да тргнат по скалите на успехот. Дали имаме моќ да го смениме нашиот живот?
Зоран Витанов: Од моите ментори, Тони Робинс вели: Смени си го минатотото и ќе си го смениш животот. Јас отпрвин не го разбирав што сака да каже. Како е можно да се смени минатото? Се разбира дека тоа не се менува, но поуките од минатотот и толкувањето на случките се менуваат, а различните поуки и толкувања ви носат различна перцепција за себе. Различната перцепција за себе ви носи различни верувања. Различните верувања ве водат кон различни животни одлуки, а тие ве водат до различен животен резултат. Јас пак велам, како надополнување на тоа: за миг не можеш да постигнеш успех, ама за миг можеш да го смениш правецот во кој се движиш низ животот! Не е важно од каде доаѓаш и какво минато имаш, се што е важно е која е твојата визија за себе. Според моето искуство, нај злобното суштество на оваа планета е човек без цел. Во книгата на таа тема имам ваков цитат: “Тајната е да не се борите со старото, туку во изградбата на вашето ново јас. Видете ги можностите, а не веројатностите. Можноста, а не веројатноста, се базира на иднината. Можно е да сте многу поуспешни од сега и да си ги разбудите вашите заспани убавини кои несомнено некаде ве чекаат, чувани од некои ламји, заклучени во некои замоци, затоа што некои похрабри од вас веќе си ги ослободиле своите убавини и си живеат со нив. Ако тие можеле и вие можете. Но ако, наместо можностите, вие гледате што е веројатно, а веројатноста, за разлика од можноста, се базира на вашето минато искуство, мисијата да живеете со вашата убавица ќе ви се чини неверојатна и затоа нема ни да тргнете во борба со ламјата. Нема да поверувате дека можете. Живеете по филозофијата на неверниот Тома, кој чека да види за да поверува, наместо по учењето на Исус, кој вели дека за да видиме, треба првин да поверуваме. Не морате да верувате во тоа што го замислувате, но мора да се замислите во што верувате! За да бидам појасен на што мислам, еве едно прашање: Доколку никој никогаш во целата светска историја не успеал да направи некој зацртан резултат, колкава е веројатноста сега некој да го постигне тој резултат? Ако се базираме на минатото, нема никаква веројатност. А дали е теоретски можно? Да,сѐ што можеш да замислиш можеш и да оствариш. Запаметете: човек не прави ништо во животот во што не верува, ама верувањата не мора да ги базираме само на нашиот минат труд туку и на нашата имагинација. Тоа што сум сега е одраз на мојот систем на верување базиран на моето досегашно животно искуство, но не мора да значи дека тоа е мојот максимум. Како што вели Руми, тоа што сум денес е океан во однос на капката која бев во минатото, но во однос на океанот во кој ќе прераснам во иднина, денеска сум само капка.
Охрид 1: Обично велат колку е човек поуспешен толку има „пријатели“. Поточно толку повеќе луѓе кои му прават сопки во животот. Од друга страна ние како народ сме многу пријателски народ. Токму поради тоа често и сме изиграни од најблиските.
Зоран Витанов: Всушност, во реалноста е сосема спротивно, не само со пријателите, туку со сите критериуми на вредности. Колку е човек по успешен, е се помалку разбран и осамен. Да, има “пријатели” кои се од користољубие околу него, но успешниот човек сосема јасно умее да разликува искрени пријатели од лицемери. Всушност, токму тоа го прави осамен. Лицемерите бараат материјални вредности кај успешните, а искрените пријатели бараат други вредности. Успешните луѓе знаат колку малку вредност нуди материјалното, затоа што интелектот и умот им даваат употребна вредност на материјалното. Успешните можат да си дозволат да се откажат од материјална вредност за нешто многу по драгоцено, како знаење, вештини, мир…Малкумина се спремни на тоа, а уште помалку умеат да го ценат таквото откажување. Инаку, како народ, не сме по ништо по ралични од сите останати. Денес просечниот човек е уплашен медиокритет кој попрво со плачење и измама би дошол до имотна корист, отколку со чесна работа, знаење и вештини. Ретки и осамени се чесните и успешни. Живееме во морална криза, најголема со која светот било кога се соочил. Ако не сте успешен, нема да можете да се спротивставите на таквата морална ерозија, бидејќи лесно паѓате на искушение на материјалната корист. Во реалноста, верувањето е обратно, дека неуспешните се со повисок морал а успешните се без морал. При тоа, ве молам да не мешате успешен со некој кој има многу пари. Парите стекнати на чесен начин ве прават успешен, во спротивно ве прават криминалец. Успешните се вистинските херо на секое општество, но поради владеење на медиокритетите, ние нив ги ставаме на маргините на општеството и ги заменуванме со лажни ПиАр херои.
Охрид 1: Како да се препознаат вистинските пријатели или бизнис партнери? Вистинските бизнис партнери ги препознаваме по нивната волја да разменат вредност за вредност на доброволна основа.
Зоран Витанов: А вистинските пријатели ги препознаваме по чувствата. Ако се чувствуваме по убаво во нивно друштво, тие ни се вистинските пријатели.
фото: ФБ Зоран Витанов