АктуелноОхрид

Охрид добива прв собирен центар за отпад, ЈП „Охридски Комуналец“ појаснува како ќе функционира

По реакциите во јавноста за најавената изградба на првиот собирен центар во Охрид, ЈП „Охридски Комуналец“ објави дополнителни информации за неговата намена, функционирање и значењето во воспоставувањето систем за одржливо управување со отпадот.

Од претпријатието објаснуваат дека собирниот центар ќе претставува специјално уредена локација каде граѓаните бесплатно и безбедно ќе можат да го одложуваат отпадот што не припаѓа во стандардните улични контејнери.

Станува збор за стар мебел, електрични апарати, батерии, текстил, хартија, стакло и зелен отпад, кои ќе се селектираат и привремено ќе се складираат во соодветни контејнери.

Според концептот, граѓаните ќе го носат отпадот директно во собирниот центар, каде стручни лица ќе помагаат во неговото правилно раздвојување по категории, вклучително и електронски, кабаст, амбалажен и опасен отпад од домаќинствата.

По селектирањето, отпадот ќе се предава на овластени рециклатори и преработувачи.

Од ЈП „Охридски Комуналец“ посочуваат дека ваквиот систем има важна улога во спречувањето на создавањето диви депонии, зголемувањето на рециклирањето и заштитата на почвата и водите од опасни материи.

Во објавата се истакнува дека собирните центри се стандарден дел од комуналната инфраструктура во развиените европски земји, а нивното воведување е предвидено и со законската регулатива кај нас.

Како пример за практично функционирање на ваков систем, од претпријатието споделија фотографии од студиската посета на нивни претставници во Регионалното комунално претпријатие во Јевле, Шведска, каде посетиле еден од тамошните собирни центри.

Од „Охридски Комуналец“ порачуваат дека правилното селектирање на отпадот започнува во секое домаќинство, а собирниот центар треба да биде важна алка во воспоставувањето поефикасен систем за управување со отпадот и почиста животна средина.