АктуелноОхрид

Судењето на Кристијан Корабоски одложено уште на стартот – одбраната побара изземање на обвинителите и судиите

Судскиот процес против 31-годишниот Кристијан Корабоски, обвинет за нападот врз 26-годишната Сара од Охрид, денеска не започна со изведување докази. Причина за тоа се барањата на одбраната за изземање на повеќе судии и јавни обвинители, со што постапката дополнително се одложува.

На денешното рочиште во судницата се појавила оштетената Сара, на чие лице сè уште биле видливи последиците од повредите здобиени на 15 ноември. Обвинетиот Корабоски не бил присутен во судницата, а според информациите пренесени од адвокатот на оштетената, присутните биле информирани дека се наоѓа во притворското одделение.

Одбраната побарала изземање на јавниот обвинител кој постапува по предметот, како и на сите јавни обвинители од Основното јавно обвинителство во Охрид. Дополнително, било побарано изземање на судијката Александра Поп Стефанија, судијата Милчо Клишески и претседателот на Основниот суд во Охрид, Бојан Мартиноски.

Адвокатот на оштетената, Ѓоко Шаин, информирал дека барањата за изземање на двајцата судии биле одбиени, додека за останатите треба да одлучуваат надлежните повисоки инстанци.

Шаин смета дека со ваквите барања се прави обид за одолговлекување на судската постапка и избегнување одговорност.

За барањето за изземање на претседателот на охридскиот суд треба да одлучува Апелацискиот суд во Битола, додека за изземањето на обвинителите надлежен е повисокиот јавен обвинител. Барањето за изземање на обвинителите било доставено непосредно пред почетокот на рочиштето.

Според обвинението, Корабоски се товари за три кривични дела – телесна повреда, противправно лишување од слобода и загрозување на сигурноста.

Случајот предизвика големо внимание во јавноста, а судската постапка треба да ги утврди сите околности и евентуалната кривична одговорност, со почитување на презумпцијата на невиност.

Следното рочиште е закажано за 1 декември, кога се очекува да има повеќе информации во врска со преостанатите барања за изземање и продолжувањето на судскиот процес.