Пионерскиот состав на ЖРК Струга продолжува со одличните резултати во Пионерската женска лига. Младите стружанки остварија убедлива победа на гостувањето во Штип, совладувајќи ја екипата на Астибо со 17:27, во натпревар од осмото коло.
Ракометарките на Струга уште од самиот почеток наметнаа свое темпо на игра, а добрата реализација во нападот им овозможи да создадат значителна предност. На полувремето заминаа со водство од 5:13, што беше добра основа за сигурно приведување на натпреварот до крај.
Во вториот дел стружанки ја задржаа контролата врз играта и не дозволија домашниот состав да ја загрози нивната предност, за конечна победа од 17:27.
Во победничкиот состав најрасположена беше Мила Илоска со седум погодоци. Елена Ѓонеска и Ива Крстаноска постигнаа по шест гола, Јоана Куциноска четири, Николина Паноска три, а Мила Миса еден погодок.
Со ова издание, пионерките на ЖРК Струга уште еднаш го потврдија својот потенцијал и продолжуваат со успешните настапи во младинската конкуренција.
АСТИБО – СТРУГА ЖРК 17:27 (5:13)


















