Веднаш по добивањето на пријавата, СВР Охрид ги презеде сите оперативни и други мерки со цел навремено, брзо и целосно реализирање на пријавата и е оформен посебен тим од полициски службеници за целосно и брзо решавање на кривичното дело, изјави на денешната прес конференција Стефан Димоски, портпарол на СВР Охрид, откако охридската, но и македонската јавност ја вознемири немилиот настан со претепувањето на 26-годишната Сара Ѓоргиевска, од страна на нејзиното момче, 31-годишниот Кристијан Корабоски од Охрид.
– Преземени се сите мерки, извршено е алкотестирање на можниот сторител, односно лицето против кое е поднесена пријавата. Кај него се констатирани 1,29 промили алкохол во крвта, по што и по овој основ против него ќе биде поднесена соодветна кривична пријава. Сите мерки кои се преземаат се во координација со Јавниот обвинител. Извршен е целосен разговор со оштетената и со сторителот, како и анкети со лица кои се можни сведоци или имаат одредени информации за овој настан. Извршени се прегледи на безбедносни камери, се’ со цел да се утврди вистинитоска на сите околности пред и по случувањето на овој настан. Информациите се доставени до Јавниот обвинител. со кого сме во координација за да се доутврдат сите детали, изјави Димоски.
Државниот јавен обвинител Ненад Савески денеска изјави дека очекува во текот на денешниот ден да биде донесена јавнообвинителска одлука за случајот со насилството врз 26-годишна девојка во Охрид. Тој порача дека Обвинителството интензивно ги утврдува сите околности и дека правната квалификација ќе зависи од собраните докази.
Прашан дали во случајот постојат елементи за обид за убиство, Савески не даде конечна оценка. Нагласи дека доказниот материјал ќе се разгледува поединечно и како целина, а особено значаен ќе биде исказот на оштетената.
– Тој исказ ни е многу суштествен, рече Савески, посочувајќи дека надлежниот обвинител веќе е во контакт со девојката.
Утрово на социјалните мрежи се огласи и мајката на Сара, Ирена Ѓорѓиеска, според која пуштањето на осомничениот на слобода, дополнително го вознемирило семејството. Таа во објавата посочува дека тој претходно се фалел со влијанието и познанствата на неговите родители, со кои, наводно, можел да ги решава проблемите. Особено вознемирувачки се наводите на Ѓорѓиеска за случувањата во моментите кога Сара била во бессознание. Таа тврди дека осомничениот, мислејќи дека девојката е мртва, побарал помош од својот татко за да се ослободи од нејзиното тело.
Ѓорѓиеска тврди и дека телефонот на нејзината ќерка бил намерно искршен за да не може да побара помош. Таа побара надлежните институции темелно да го испитаат случајот и да утврдат дали имало обиди за прикривање на настанот или влијание врз постапката.
Официјалното соопштение на МВР
СВР Охрид денеска поднесе кривична пријава против 31-годишниот К.К. од Охрид поради постоење основи на сомнение за сторено кривично дело „тешка телесна повреда“ по член 131 став 3 од Кривичниот законик.
На 15 ноември 2026 година, околу 02:00 часот, по претходна расправија која започнала во неговиот дом, а продолжила во неговиот автомобил, пријавениот во возилото физички ја нападнал неговата 26-годишна девојка од охридско. Откако го сопрел возилото, продолжил со нападот, при што девојката изгубила свест и паднала, по што била пренесена во Општата болница во Охрид, а потоа и во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, каде ѝ биле констатирани тешки телесни повреди. Преземени се мерки и набргу по настанот, во 05:05 часот К.К е лишен од слобода и задржан во полициска станица. Додека, по барање на ОЈО, Основен суд во Охрид донесе решение и му изрече мерки на претпазливост, информираат од МВР.
Во врска со настанот, на 15 ноември 2026 година, во 08:50 часот во СВР Охрид, 51-годишната Љ.К. од Охрид, мајка на К.К., пријавила дека 46-годишниот Љ.Ѓ., татко на девојката, на мобилен телефон упатил закани на нејзиниот син К.К. и на целото семејство, по што истиот ден, во 13:20 часот во Охрид и тој е лишен од слобода и задржан во Полициска станица. Против него, исто така, ќе биде поднесен соодветен поднесок.


















