ВМРО-ДПМНЕ го осуди претепувањето на младата девојка во Охрид и побара детална внатрешна истрага во МВР, како и преиспитување на постапувањето на обвинителството и судот во Охрид, со критики до обвинителството поради тоа што не побарало притвор за осомничениот за нападот.
Во реакцијата, ВМРО-ДПМНЕ соопштува дека застанува зад Сара и нејзиното семејство и бара итна и решителна реакција од надлежните институции за заштита на жртвите на насилство.
„За насилството врз жените нема и нема да има место во Македонија. Затоа ги повикуваме институциите, во согласност со законите, да ги преземат сите мерки и активности за целосно расчистување на случајот, со цел сторителот да биде изведен пред лицето на правдата“, наведуваат од партијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ бараат детална истрага и предупредуваат дека доколку институциите не постапат во рамките на своите надлежности, одговорните ќе мора да понесат одговорност.
Партијата упати и директни критики кон Обвинителството, оценувајќи дека е скандалозно тоа што, како што тврди, по обезбедувањето на осомничениот од страна на МВР, надлежниот јавен обвинител го пуштил на слобода со благи мерки на претпазливост.
„Ова е скандалозно однесување на Обвинителството, за кое мора да има одговорност“, се наведува во реакцијата.
Од ВМРО-ДПМНЕ дополнуваат дека, доколку постојат индиции дека некој, вклучително и од Обвинителството, се обидува да го заташка случајот или незаконски да влијае врз постапката, тоа мора веднаш да биде истражено.
„Институциите не смеат да имаат милост кон насилниците! Државата мора да реагира јасно, недвосмислено и во согласност со законите. Ниту еден случај на насилство врз жените не смее да помине неказнето“, порачуваат од партијата.
Случајот се однесува на нападот од 15 ноември, кога 31-годишниот К.К. од Охрид, според полициското соопштение, физички ја нападнал својата 26-годишна девојка, најпрво во автомобилот, а потоа и откако го запрел возилото. Девојката изгубила свест, а лекарите ѝ констатирале тешки телесни повреди.
СВР Охрид поднесе кривична пријава против него за „тешка телесна повреда“. Според полицијата, по барање на Основното јавно обвинителство, Основниот суд во Охрид му одредил мерки на претпазливост.


















