АктуелноОхрид

Пратеникот Сашо Донев оствари средба со јапонската амбасадорка Сецуко Кавахара

Пратеникот Сашо Донев, во својство на претседател на Пратеничката група за соработка со Парламентот на Јапонија, оствари средба со амбасадорката на Јапонија во Македонија, Сецуко Кавахара, на која се разговарало за унапредување на билатералните односи и отворање нови можности за соработка меѓу двете земји.

 

Како што информира Донев преку својот Фејсбук-профил, на средбата била изразена благодарност за континуираната поддршка што Јапонија ѝ ја дава на Македонија, а посебен акцент бил ставен на зајакнувањето на институционалната и парламентарната соработка. „Пријателството меѓу Македонија и Јапонија е вредност што треба постојано да ја негуваме и надградуваме, но и да ја претвориме во уште посилна институционална и парламентарна соработка“, истакна Донев.

 

 

На средбата се разговарало и за можностите за продлабочување на економската соработка, привлекување нови инвестиции, соработка во образованието, размена на знаења и искуства, како и за заеднички активности во областа на културата и спортот.

 

Донев ја нагласил и важноста на парламентарната дипломатија во градењето долгорочни партнерства меѓу државите, преку редовен дијалог, размена на искуства и заеднички иницијативи. „Јапонија е долгогодишен и значаен пријател и поддржувач на нашата земја преку бројни проекти и програми кои значат силно стратешко партнерство со конкретни можности и придобивки за граѓаните на двете држави“, посочи Донев во својата објава.