АктуелноОхрид

Патрониот празник на Ј.П.,,Охридски Комуналец” денес свечено одбележан

Ј.П.,,Охридски Комуналец” го одбележа својот патронен празник ,,7-ми Ноември*
📄 Директорот м-р Сашо Најдески им се обрати на присутните и во своето обраќање истакна:
,, Почитуван градоначалник на Општина Охрид, почитувани гости, соработници, драги колеги.
Денес, кога го одбележуваме патрониот празник на ЈП „Охридски Комуналец“, ми претставува особена чест и задоволство да ви се обратам и заеднички да го одбележиме овој значаен ден за нашето претпријатие.
Приказната за ЈП „Охридски Комуналец“ започнува во далечната 1952 година. Повеќе од седум децении, генерации вработени вложувале труд, знаење и посветеност за Охрид да биде почист, поуреден и поубав град.
Нашата дејност опфаќа собирање, транспорт и депонирање на комуналниот отпад, одржување на јавната чистота, како и грижа за парковите и зелените површини. Ова не е само извршување комунални услуги, туку секојдневна одговорност кон граѓаните, животната средина и изгледот на нашиот Охрид.
Изминатиот период беше исполнет со бројни предизвици, но и со конкретни активности за подобрување на работењето. Еден од нашите главни приоритети беше обновувањето и модернизацијата на возниот парк.
Како што најавивме на минатогодишниот патрон празник, денес можеме да кажеме дека најавената модернизација постепено станува реалност.
Со поддршка на Општина Охрид, набавени се две метачки.
Преку проектот за воспоставување регионална депонија, од страна на Министерството за животна средина на претпријатието му се доделени шест специјализирани возила за собирање комунален отпад.
Дополнително, преку проект на Министерството за транспорт, се обезбедуваат уште 4 специјализирани возила за собирање комунален отпад, 1 метачка и 1 специјализирана цистерна за миење на улиците.
Овие вложувања претставуваат значаен чекор кон поефикасно собирање на отпадот, подобро одржување на јавната чистота и поквалитетни услуги за граѓаните. Нашата цел е современо и функционално јавно претпријатие кое ќе може навремено да одговори на потребите на градот.
Посебен предизвик останува депонијата Буково, која повеќе од 45 години претставува сериозен еколошки проблем. Преземавме активности за покривање на отпадот, намалување на ризикот од пожари и заштита на животната средина. Сепак, трајното решение го гледаме во воспоставувањето современ регионален систем за управување со отпад.
Почитувани, најголемата вредност на нашето претпријатие не се возилата и опремата, туку луѓето кои секојдневно, одговорно и посветено ја извршуваат својата работа.
Искрено им благодарам на работниците кои од раните утрински часови се грижат за чистотата на улиците, на екипите за собирање отпад, на вработените кои ги одржуваат парковите и зеленилото, на возачите, механичарите, административните служби и на сите останати кои придонесуваат за функционирањето на претпријатието. Вашиот труд можеби не е секогаш доволно видлив, но неговите резултати секојдневно ги чувствуваат сите граѓани.
Како раководство, остануваме посветени на подобрување на условите за работа, модернизација на механизацијата, унапредување на услугите и создавање претпријатие со кое сите ќе се гордееме.
На сите вработени им го честитам патрониот празник и им посакувам добро здравје, среќа и уште многу заеднички успеси. Ви благодарам на поддршката, довербата и посветеноста.
Оваа година ќе биде доделена јубилејна награда за непрекинат работен стаж од 30 години на нашата вработена Будимка Групчева. Овa признаниe е израз на благодарност за годините посветени на ЈП „Охридски Комуналец“ и на нашиот град.
Нека ни е честит патрониот празник! “