Неверојатната несовесност на дел од граѓаните на Охрид продолжува! Наместо прописно да го одложат кабастиот отпад, поединци одлучиле да го транспортираат во Националниот парк Галичица и да го исфрлат среде природата.
Граѓани на Охрид до редакцијата на Охрид1 испратија фотографии на кои се гледа автомобил натоварен со повеќе душеци, врзани на неговиот покрив, на патот кон селото Велестово, во рамките на Националниот парк Галичица.
Според сведочењето на граѓаните кои ги доставија фотографиите, лицата со возилото застанале покрај патот, ги истовариле душеците и ги оставиле во природата, по што си заминале. Значи, некому му било полесно да товари душеци на покривот од автомобилот, да ги врзува, да ги транспортира до Галичица и таму нелегално да ги исфрли, отколку да постапи согласно прописите за одлагање кабаст отпад!
Граѓаните кои го документирале случајот се познати на нашата редакција, се претставиле со име и презиме и најавија дека во текот на утрешниот ден ќе ја известат надлежната инспекциска служба. Очекуваме надлежните институции сериозно да постапат по оваа пријава, да ги утврдат идентитетите и одговорноста на лицата и, доколку се потврди прекршокот, да изречат соодветни законски санкции.

Ова не е изолиран случај, туку дел од загрижувачката појава на непрописно исфрлање кабаст отпад во Охрид и неговата околина. Речиси секојдневно сме сведоци на фрлени душеци, гарнитури, стар мебел и градежен отпад покрај улиците, на јавните површини, во селата, а сега и во заштитените природни подрачја. Апсурдот е уште поголем ако се знае дека ЈП „Охридски комуналец“ има објавен календар за бесплатно подигање кабаст отпад по улици.
Дополнително, граѓаните можат да побараат организирано подигање на ваквиот отпад со соодветен надоместок. Наместо да ги искористат овие можности, некои поединци избираат да го натоварат отпадот во автомобил и да го однесат во планината, каде што сметаат дека никој нема да ги види. До кога Националниот парк Галичица, охридските улици, селата и природата ќе бидат третирани како приватна депонија на несовесните граѓани?

Ваквото однесување не е само прашање на некултура и неодговорност, туку и сериозно загрозување на животната средина. Охрид1 ќе го следи овој случај и постапувањето на надлежните инспекциски служби. Време е ваквите постапки да добијат конкретни санкции.
Без казни и одговорност, дивите депонии ќе продолжат да никнуваат, а несовесните поединци ќе продолжат да ја уништуваат природата што им припаѓа на сите граѓани.


















