АктуелноОхрид

Реликвија од Охрид без основа предадена на Грција

Реликвијарот на Света Матрона Константинополска кој потекнува од Охрид, а кој во неодмнешната размена меѓу Софија и Атина ѝ бил предаден на Грција, неодамна отвори прашања и реакции во македонската јавност. Сега таква реакција е наведена и во писмото кое повеќе од 200 лица – бугарски научници и општественици – го адресираа до претседателката на Бугарија, претседателот на Народното собрание, премиерот, министрите, Светиот синод на Бугарската православна црква и до бугарската академска заедница.

Протестното писмо е упатено по повод неодамна извршената размена меѓу Грција и Бугарија на остатоци пронајдени во базиликата „Свети Ахил“ на Преспанско Езеро, за кои се верувало дека им припаѓаат на цар Самоил, на цар Гаврил-Радомир и на членови на тоа семејство. Тие беа разменети за 53 предмети (под 48 инвентарни броеви) од колекцијата на бугарскиот Национален историски музеј (НИМ) – икони, црковни прибори, реликвијари и епископски престол.

Потписниците на протестното писмо сега бараат итна и темелна проверка на правните основи за тој договор, посочувајќи дека има правна неоснованост на размената, и од меѓународна и од внатрешно-правна гледна точка. Но, укажуваат и на фактолошки грешки во идентификацијата на артефактите што ѝ се предадени на Грција.

„При изборот на предметите за размена, дозволени се фрапантни грешки, покажувајќи отуство на претходни консултации со историско-уметничка и архивска експертиза од наши специјалисти кои работеа на овие предмети“, наведуваат тие во писмото.

Како пример за тоа го поочуваат случајот со реликвијарот (моштехранилницата) на Света Матрона Константинополска, кој е еден од артефактите што фигурираат меѓу оние кои ѝ се предадени на Грција (заведен со инв. бр. НИМ 29116a и 29116b), а се состои од сребрен позлатен опков на глава од 1798 година и осмоаголна кутија од 1811 година.

Сандакот број 5: потекло Охрид
Бугарската јавност не беше транспарентно информирана за она што го разменува Софија, освен дека на Грција ѝ се враќаат реликвии од два грчки манастири „Панагија Еикосифиниса” (Пресвета Богородица Косиница) и „Св. Јован Претеча”, кои за време на Првата светска војна биле одземени и пренесени од бугарската војска во Софија, со цел да бидат заштитени од воените дејства. Но, реликвијарот на Света Матрона Константинополска нема никаква врска со ниту еден од тие два манастира.

„Фатална грешка во потеклото: Оваа реликвија не потекнува од манастирите ‘Косиница’ или ‘Свети Јован Претеча’ во Егејска Македонија. Архивски докази: Фотографија од реликвијарот е објавена во дневниците на проф. Богдан Филов од неговите експедиции, каде што експлицитно е наведено дека потекнува од црквата ‘Свети Климент’ во градот Охрид“, се наведува во писмото.

Потписниците нагласуваат и дека се зачувани нацрти од официјалниот протокол кој бил составен при отпечатувањето на осумте сандаци испратени во Националниот музеј од страна на 9-тата и 10-тата дивизија на бугарската армија. Протоколот бил потпишан од директорот д-р Иван Велков, раководителот на Нумизматичкото одделение Теодор Герасимов и раководителот на Средновековниот оддел, Вера Иванова-Мавродинова.

„Под број 8 во протоколот е наведен токму овој реликвијар, кој се наоѓал во сандакот број 5, со натпис – потекло Охрид.

Во писмото, под меѓунаслов „Геополитички ризици, ‘Пандорината кутија’ и прашањето за Преспа“, се наведува дека размената меѓу Атина и Софија ќе отвори „неконтролирани претензии“.

„Во грчките медиуми официјално се зборува за враќање на над 1.000 дополнителни артефакти и ракописи, а размената од 3-ти октомври е дефинирана само како прва фаза. Такви барања веќе се изнесени од премиерот на Грција, Киријакос Мицотакис и вселенскиот патријарх Вартоломеј. Се очекува тоа да го направат и институции во Република Северна Македонија и Република Србија”, се предупредува во протестното писмо.

Бараат јасни одговори
Меѓу потписниците се голем број историчари, членови на БАН, на научни институти, професори од Софискиот и други универзитети во земјата, лица вработени во државниот архив, во музеи, археолози и јавни личности од разни професии.

Тие бараат да се ​​објави поименично составот на комисијата која ги утврдила предметите што се разменети досега, врз основа на што, и од кого е издадена наредбата за нивно пренесување. Бараат да се ​​објави целосниот список на 53-те пренесени предмети, да се објават сите доверливи клаузули од договорот со Грција и да се разјасни правниот статус на сопственоста на пренесените коски, претставени како посмртни останки на цар Самоил: дали тие ќе останат во Бугарија привремено или трајно?

Бараат да се ​​објави официјалниот став на Бугарската православна црква и на бугарската држава во случај на евентуални барања за артефакти од страна на патријархот Вартоломеј. Бараат да се објават и заклучоците од истражувањето на коските спроведени во лабораториите во Грција и во Бон, но и како е формулиран налогот кон тие лаборатории. Исто така, бараат да се ​​спроведе радиојаглеродна анализа (C-14) на коскениот материјал и хемиско-технолошка анализа на златно-извезената ткаенина од гробот на островот Свети Ахил. Бидејќи Грција е страна во размената, според потписниците на писмото, мислењето на грчката лабораторија укажува на конфликт на интереси.

 

 

DW