Голем успех за охридскиот и македонскиот боречки спорт – Лука Колевски, член на Боречкиот клуб „Аждер“ од Охрид, освои бронзен медал на Европското првенство во кураш во Панаѓуриште, Бугарија.
Европското првенство се одржува од 14 до 17 септември 2026 година, со натпревари за кадети, јуниори и сениори во машка и женска конкуренција. Според International Kurash Association, за првенството биле пријавени претставници од повеќе од 20 европски национални федерации.
Колевски со одличниот настап успеа да стигне до победничкиот подиум и со македонското знаме да го прослави освојувањето на европската бронза.
Кураш е традиционален боречки спорт со потекло од Централна Азија, особено поврзан со Узбекистан. Борбите се одвиваат во стоечка положба, а натпреварувачите со зафати за специјалната јакна и со техники на фрлање настојуваат да го исфрлат противникот од рамнотежа и да го соборат на подлогата. За разлика од класичното слободно и грчко-римско борење, во кураш нема продолжена борба во партер.
Ова е уште еден значаен резултат во спортската кариера на младиот охриѓанец. Колевски настапува и во олимпиското борење, каде годинава на Државното првенство У20 освои бронзен медал во категоријата до 70 килограми.
Со европската бронза во кураш, Лука Колевски донесе уште еден меѓународен медал во Охрид и нов успех за БК „Аждер“, потврдувајќи ја успешната работа со младите борци во клубот.


















