Убав гест на чесност и човечност се случил за време на празничната прослава на „Св. Петка“ на спортскиот полигон во село Враништа.
Имено, пронајдени се 1.600 евра, кои ги изгубил Зоран Латоски од село Нерези во пресрет на празничната прослава. Парите биле пронајдени од Даниела Јосифоски, Васко Кицески, Слободан Делиоски и Наумче Грчески, редовни учесници на светите богослужби и активностите на Православната младина.
Пронаоѓачите веднаш ги вратиле парите на сопственикот, покажувајќи чесност, совесност и одговорност.
Како знак на благодарност за нивниот гест, четворицата биле наградени со по 50 евра.
Воедно, упатен е апел до лицето кое евентуално ги пронашло и останатите 700 американски долари, кои исто така биле изгубени, да ги врати на сопственикот.
Случајот е пример дека и во денешно време постојат луѓе кои со своите постапки покажуваат дека чесноста, солидарноста и човечноста сè уште имаат вистинска вредност.

















