АктуелноОхрид

„Готик Војсис“ со рафинирана изведба на средновековна музика

Рафинираност, висок квалитет и спиритуалност во изведбата на средновековна музика
покажаа членовите на ренесансниот хор „Готик војсис“ од Велика Британија кои синоќа
настапија во црквата „Света Софија“ во рамки на „Охридско лето“.

 

Извонредните гласови на мецосопранот Кетрин Кинг, тенорите Стивен Харолд и Џулијан
Поџер, како и баритонот Симон Вајтли донесоа дела од Џоан Меткалф, Џон Данстапл, Ричард
Смерт, Арво Перт, Леонел Пауер, композиции од непознати автори од 13-от, 14-от и 15-от век,
како и грегоријанскиот напев Gaude, Maria virgo.

 

-Програмата со која настапивме беше мешавина од современа и раносредновековна музика.
Кога ја креиравме, сфативме дека тие се вклопуваат совршено. Централно дело на концертот
беше делото на Ендру Смит кој е норвешки композитор и е со текст на Stong wel, moder, песна
од 14-от век. Сето тоа е базирано на легендата за Богородица и различните аспекти на
нејзината пресветост. Сите тие аспекти совршено се вклопија во нашата програма, истакна
тенорот Џулијан Поџер.

Во своето 46-годишно постоење, ансамблот има снимено 30 носачи на звук за издавачките
куќи „Хиперион“ и „Ави“, а за три од нив се добитници на престижната награда „Издание на
годината“ од страна на музичкиот магазин „Грамофон“. Нивниот прв албум „Пердув на здивот
Божји – химни и секвенци од Хлидегард од Бинген“ до денес е еден од најпродаваните албуми
на средновековна музика на сите времиња, додека пак новите албуми „Непознат љубовник“ и
„Лаурел за Ландини“ продолжуваат да се закитуваат со одлични критики.

 

Во Велика Британија ансамблот „Готик Војсис“ редовно настапува на фестивалите во Алдебург
и Честер, на фестивалите за рана музика во Јорк и Бирмингем, а честопати гостуваат на
меѓународните фестивали во Единбург и Челтнам. Нивните европски турнеи ги носат на
фестивалите во Фландерс, Утрехт, Вормс, Штутгарт и Келн, како и на фестивалот „Вестфолд“ во
Норвешка. Имаат остварено настапи во Израел, во САД и Јужна Америка.

 


Покрај нивниот репертоар посветен на средновековната и рана музика, „Готик Војсис“ исто
така исполнуваат и современа музика, особено дела кои во себе содржат некаква
средновековна асоцијација. Голем број од композиторите на денешницата се инспирирани
или врз нив влијае средновековната музика, па така честопати ансамблот прави необични и
експериментални програми во кои се вметнати нови дела наспроти традиционалните
програмски определби.