АктуелноОхрид

„Внатрешен глас на виолончелото и виолината“ вечерва на „Охридско лето“

„Внатрешен глас на виолончелото и виолината“ е насловот на концертот што вечерва ќе се
одржи на „Охридско лето“ во црквата „Света Софија“ во стандардниот фестивалски термин од
21 часот. Ќе настапи НУ Камерен оркестар на Битола, а солисти на вечерта се австрискиот
виолончелист Емил Ровнер и македонскиот виолинист Симон Поповски. Концертот ќе се
одвива под диригентската палка на Евгениј Шчербаков од Канада.

 

Виолончелистот, пејач и диригент Емил Ровнер е возбудлив музичар со „неверојатна техника“
(ФоноФорум) и експресивен израз, а покрај тоа тој е искусен педагог и организатор на
фестивали. Роден е во Горки во Русија во семејство на музичари, веќе на 10-годишна возраст
дебитира со Градскиот симфониски оркестар во Горки. Виолончело учи со Иван Монигети во
Мадрид и во Базел, а дипломира во класата на Борис Пергаменчиков на Високата школа за
музика „Ханс Ајслер“ во Берлин. Учел и со легендарниот виолончелист Мстислав Ростропович
кој имал силно влијание врз неговиот уметнички развој. Студирал пеење на Школата
„Канторум“ во Базел, а посетувал и часови по диригирање.

 

Неодамнешните концерти на Емил Ровнер вклучуваат настапи со: Прашкиот радиосимфониски
оркестар, Корејскиот камерен оркестар во Сеул, Синфониета Краковија, Претседателскиот
орекстар во Анкара, деби на фестивалот посветен на Шостакович во Гориш, како и концерти на
водечките европски фестивали во Бон и во Гштад. Настапува во концертната сала
„Елбфилхармонија“ во Хамбург, како и во Копенхаген и во Луцерн.

 

Емил Ровнер е победник на бројни натпревари и е наградуван на натпреварот „Јоханес Брамс“
во Австрија, како и на натпреварот во Лозана под патронство на Лорд Мењухин. Во 1998
година освојува прва награда на натпреварот „Ј. С. Бах“ во Лајпциг кога и започнува неговата
меѓународна кариера. Од неговиот солистички деби настап со оркестарот „Тонхале“ во Цирих,
тој честопати настапува со оркестри како: Филхармонијата во Санкт Петербург, Симфонискиот
оркестар во Берлин, Камерата Берн, симфониските оркестри во Москва и во Базел, како и со
камерните оркестри во Штутгарт, во Базел и во Минхен.

 

Тој е еден од основачите и уметнички директор на фестивалот „Резонанци“ во Сент Мориц и
на фестивалот „Мјечеслав Вајнберг“ во Дрезден. Емил Ровнер е посветен на камерната музика
и во 2007 година е именуван за најмлад професор на Универзитетот „К.М фон Вебер“ во
Дрезден. Неговото ЦД со дела од Вајнберг издадено во 2010 година е оценето со 5 ѕвезди од
списанието „ФоноФорум“ и е номинирано за наградата „Ехо Класик“.

 

Симон Поповски е роден во Битола и своите студии ги завршува во 2014 година. Магистрира
на Факултетот за музичка уметност во Скопје во 2018 година, а последователно студира и на
Универзитетот во Бока Ратон, Флорида, САД каде се стекнува со диплома во 2022 година. Во
текот на своето образование посетува часови и мајсторски курсеви кај: Меи Меи Луо, Олег
Кондратенко, Сихана Бадивуку, Сузан Гилмор, Павел Верников, Ванчо Стоилков и други.
Своето искуство го започнува во ансамбли за камерна музика како гудачкиот квартет „Аксиос“,
„Кон Темпора“, а работното искуство го гради како член на Македонската филхармонија,
„Палм Бич Опера“, „Атлантик Симфони“, „Бока Симфониета“, „Мајами Сити Балет“, оркестарот
за снимање филмска музика (FAME’S), НУ Камерен оркестар на Битола и No Borders Orchestra.

 

Симон има повеќе пати настапувано како солист со Оркестарот на Музичката младина на
Македонија, со камерниот оркестар и со симфонискиот оркестар при ФМУ-Скопје, со
Македонска филхармонија, со НУ Камерен оркестар на Битола, со оркестарот и хорот при
,,Прва Пресбитеријанска Црква” во Флорида, со симфонискиот и камерниот гудачки оркестар
при ФАУ -Бока Ратон и други. Моментално е вработен во НУ Камерен оркестар на Битола.
Кандскиот композитор, диригент и педагог Евгениј Шчербаков е роден во 1958 година во
Горки (денешен Нижни Новгород). Уште од раната возраст покажува талент и интерес за
музика, започнува да свири во брас бенд и кога има само 9 години ја пишува првата
композиција за пијано „Минути“ која сè уште се изведува во Русија, Европа и Канада.
Дипломирал на одделот за композиција на Конзерваториумот „Глинка“ во Нижни Новгород
каде се здобива и со титулата магистер на одделот за композиција и музичка теорија, а
докторира Композиција и педагогија во класата на проф. Борис Гецелев.
Студирал оркестарско и хорско диригирање и на Академијата за уметности во Самара и на
Конзерваториумот „Глинка“ каде во периодот од 1990 до 2008 година бил и професор по
композиција и оркестрација.

 

Во 2008 година емигрира со семејството во Канада, каде продолжува да работи како диригент,
композитор и пијанист. Низ годините компонира бројни дела почнувајќи од композиции за
деца, преку камерна и симфониска музика, инструментални дела, концерти, кантати и
ораториуми. Многу од неговите композиции се изведени во Украина, Македонија, Русија,
Швајцарија, Германија, Белгија и Канада. Шчербаков одржува мајсторски курсеви по
композиција и оркестрација во Швајцарија, во Македонија и во Германија.
Добитник е на грантови и интернационални резиденции во Швајцарија и во Канада како
поддршка за развој на неговиот уметнички израз. Од 2008 год. тој е независен професор и
консултант за композиција, оркестрација и за оперско и симфониско диригирање, а
истовремено работи како диригент на хорот на Школата „Валдорф“ во Ванкувер (2008-2017).
Активен е како професор по музика и како пијанист, а посветено работи со неколку хорови во Ванкувер.