Четворицата извонредни саксофонисти Михал Кнот, Јакопо Тадеи, Алан Лужар и Едоардо Зоти,
обединети во квартетот „Сигнум“ беа вистинско летно освежување на „Охридско лето“ со
својот концерт што го одржаа вчеравечер во црквата „Света Софија“.
Преку нивните импресивни виртуозни вештини публиката уживаше во музика од Хенри
Персел, еден од најзначајните англиски композитори од епохата на средниот барок.
Магичната вечер продолжи со гудачки квартет од Антони Дворжак аранжиран за квартет
саксофони од страна на „Сигнум“, а заврши со двајцата великани во американската уметност,
Џорџ Гершвиш и Леонард Бернштајн.

Тенор саксофонот Алан Лужар потсети дека овој ансамбл биле дел од програмата на
„Охридско лето“ во 2015 година.
-Многу се радуваме што по толку години повторно се враќаме во Охрид. Овде се чувствуваме
прекрасно и драго ни е што ја делиме музиката со публиката. Квартетот саксофони е формиран
пред 15 години, едноставно во студентските денови. Светот на саксофонистите е мал и така се
запознавме. Свириме од 60 до 70 концерти годишно на сите континенти, рече Лужар.
Стилот што го негуваат како квартет „Сигнум“ претставува еден вид спој на повеќе жанри, со
особена посветеност на музиката оригинално напишана за гудачки квартет, но и со афинитет
кон рок- класиците на модерното време.
Веќе од првите тонови на нивната изведба, овие музичари започнуваат со вистински
„огномет“, кој надополнет со емоции и постојана љубопитност да се преминуваат границите
на музиката, прави тие да создаваат необично и уникатно ансамблово музицирање. Без
разлика дали станува збор за оригинални композиции напишани за квартет саксофони или пак
аранжмани на оркестарски дела, барокни композиции или рок-музика – љубовта со која
„Сигнум“ им пристапува прави да можат убедливо да изведуваат музика од сите епохи и
жанрови. Честопати се вели дека е тешко со зборови да се опише нивното мајсторско свирење
– единствен начин е тоа да се доживее при изведбата во живо.

















