Јакни, ќебиња и греење наместо клима – синоќешните 10 степени ги изненадија и туристите и охриѓани.
По силното невреме што вчера ја зафати земјата и снегот кој среде јули падна на Шар Планина и Пелистер, Охрид изминатата ноќ се разбуди со невообичаено ниска температура од само 10 Целзиусови степени, што претставува вистински температурен шок за овој период од годината.
Наместо во лесна летна облека, синоќа низ охридските улици можеа да се видат граѓани и туристи облечени во јакни, дуксери и друга потопла гардероба. Необична слика имаше и на летните тераси на кафулињата и рестораните, каде гостите добиваа ќебиња за да можат да седат на отворено.
Студеното време се почувствува и во хотелите, апартманите и другите сместувачки капацитети. Голем број туристи побарале климатизациските уреди да бидат префрлени од режим на ладење на режим на греење, нешто што ретко се случува во екот на летната туристичка сезона.
Повозрасните охриѓани велат дека не паметат толку студена јулска ноќ, а наглото заладување го поврзуваат со силното невреме што вчера ја зафати државата, како и со ретката појава на снег на Шар Планина и Пелистер.
Според најавите на метеоролозите, ова необично свежо време ќе биде краткотрајно. Од денес се очекува постепено покачување на температурите и стабилизација на временските услови, со сончево и потопло време кое, според прогнозите, ќе се задржи во текот на наредните две недели.

















