АктуелноОхрид

Пецаков: Искрено се радувам на одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, со која Охридскиот Регион не е впишан на Листата на светско наследство во опасност и е даден дополнителен рок до 1 февруари 2031 година за реализација на препораките

Заложбите, посветеноста и заедничката работа на локалната и централната власт, институциите и сите чинители вродија со плод. Искрено се радувам на одлуката на Комитетот за светско наследство на УНЕСКО, со која Охридскиот Регион не е впишан на Листата на светско наследство во опасност и е даден дополнителен рок до 1 февруари 2031 година за реализација на препораките. Чест ми е да упатам благодарност за оваа одлука, која претставува значајна можност, но и дополнителна одговорност за сите нас.
‎Тоа ќе значи дека во наредниот период ќе продолжиме уште поинтензивно со спроведувањето на мерките за заштита на природното и културното наследство. Како локална самоуправа остануваме целосно посветени на реализација на капиталните еколошки проекти, одговорното урбанистичко планирање, зајакнувањето на системите за заштита на животната средина и доследната имплементација на препораките на УНЕСКО.
‎Заштитата на Охридскиот Регион не е обврска само на една институција, туку заедничка обврска на локалната и централната власт, институциите и сите граѓани.
‎Убеден сум дека со добра координација, континуирана посветеност и меѓународна соработка со Република Албанија ќе ги реализираме сите неопходни активности и ќе го зачуваме Охридскиот Регион како светско природно и културно наследство за сегашните и идните генерации.