АктуелноОхрид

80 години од раѓањето на македонскиот сатиричар Карадак

На пригоден настан што  на пладне се одржа во ЦК „Григор Прличев“ во Охрид, беа одбележани 80 години од раѓањето на познатиот македонски писател, драматург, афорист и сатиричар Иван Карадак.

Настанот е дел од годишната програма за култура на Општина Охрид, а пред присутните се обрати Претседателот на Совет, Перчо Божиноски.

– Имам исклучителна чест и одговорност денес во име на градоначалникот Кирил Пецаков да ве поздравам на овој убав јубилеј – 80 години  од раѓањето на еден од најснажните столбови на македонската сатира, драма и пишан збор, Иван Карадак.

Кога зборуваме  за него  не зборуваме само за писател и драматург  туку и за човек кој со својот остар ум, суптилен хумор и „хируршки“ прецизна сатира успеа да го „сошие“ најверниот портрет на нашето општество. Тој беше гласот кој знаеше како преку смеа да ги каже најдлабоките вистини. Неговото перо не само што критикуваше туку и не соочуваше со самите нас.

Секоја генерација има свои хроничари но малкумина се оние кои успеале да станат дел од секојдневието на обичниот човек. Ивановото културно уметничко чедо, легендарното радио – шоу „Хихирику“ со децении беше неделниот будилник  на макледонскиот народ. Преку него, тој не научи на нешто исклучително важно: дека општеството кое знае да се насмее на сопствена сметка е општество кое има капацитет да биде  подобро. 

Како Општина,  ние сме неизмерно горди  што во нашата културна ризница го имаме наследството на ваков великан . Наша должност не е само да се сеќаваме на него туку константно да го чуваме неговиот завет. Со одбележувањето на овој 80- годишен јубилеј ние испраќаме порака до помладите генерации  дека вистинските вредности, уметничката храброст и оригинлноста не избледуваат со времето.

Најголемиот споменик на еден писател не се само книгите на полиците туку одгласот на неговите зборови во мислите на луѓето.  А зборовите на  Карадак и денес се подеднакво живи, актуелни и лековити.

Нека миу е вечна славата на нашиот Иван Карадак, а неговиот дух нека продолжи да не инспирира да бидеме похрабри, покреативни и секогаш подготвени за добра смеа- подвлече Божиноски.

Во рамки на случувањето свечено  беше отворена и меморијална поставка посветена на Иван Карадак, а за неговиот  живот и литературното творештво се осврна ќерката, познатата македонска поетеса Марта Маркоска. Македонскиот актер и комичар Марјан Георгиевски инспириран од афористичкото и сатирично творештво на  Карадак одржа Стенд- ап перформанс  „Хихириху 2026“.