Uncategorized

Охриѓани добија фактури од ЗАМП од по 16.650 денари за музички права во соби за туристи

Голем број граѓани на Охрид деновиве на своите домашни адреси добиле фактури од ЗАМП (Завод за заштита на авторски музички права), со кои од нив како физички лица се побарува да платат износ од 16.650 денари.

Според фактурите што ги објавуваат граѓаните на социјалните мрежи, станува збор за надомест за периодот од 1 април до 30 септември 2025 година, а како основ за задолжувањето е наведено дека лицата биле евидентирани како издавачи на соби и сместувачки капацитети за туристи.

Информацијата предизвика бурни реакции на социјалните мрежи, каде што охриѓани масовно објавуваат фотографии од добиените фактури во Фејсбук групите посветени на туризмот и комуникацијата со туристите. Во коментарите изразуваат незадоволство и збунетост, наведувајќи дека не им е јасно врз основа на кои податоци се издадени фактурите, ниту како е утврдено дека имаат обврска да плаќаат ваков надомест и гласно коментираат дека власта треба да направи итни законски измени со кои ќе се спречи ова.

Дел од граѓаните тврдат дека никогаш не биле контактирани од ЗАМП, додека други бараат дополнително објаснување за начинот на кој биле евидентирани и врз која законска основа е пресметан износот.

Во јавноста веќе се отворија бројни прашања околу постапката, а граѓаните очекуваат официјално појаснување од ЗАМП за критериумите според кои се испратени фактурите, како и за тоа дали сите лица кои добиле вакви задолжувања навистина имаат законска обврска за нивно плаќање.

Се очекува во текот на наредните денови ЗАМП да излезе со официјален став и дополнителни информации во врска со случајот, кој предизвика големо внимание кај охридската јавност, особено во пресрет на главната туристичка сезона.

Ohrid1.com