Охридскиот аеродром продолжува со зајакнување на својата меѓународна поврзаност. На 21 јуни ќе биде реализиран првиот лет на авиокомпанијата Austrian Airlines на релација Виена – Охрид, со што уште една европска дестинација се поврзува директно со македонскиот туристички бисер.
По повод пристигнувањето на првиот лет, на Аеродромот „Св. Апостол Павле“ во Охрид ќе се одржи прес-конференција на која ќе присуствуваат генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, заменик-шефот на мисијата во Австриската амбасада во Скопје, Матијас Хуменбергер, како и Штефан Линхарт, виш директор за продажба за Централна и Источна Европа, Израел и Турција во групацијата Луфтханза.
Новата авиолинија меѓу Виена и Охрид претставува значаен чекор во развојот на воздушниот сообраќај и дополнително отворање на охридскиот регион кон европските пазари. Таа ќе придонесе за поголема достапност на Охрид како туристичка дестинација и за олеснето патување на посетителите од Австрија и пошироко.
Со воведувањето на нови директни линии, Аеродромот „Св. Апостол Павле“ продолжува да ја проширува својата мрежа на летови и да ја зацврстува својата улога како важен дел од туристичкиот и економскиот развој на регионот.
Пристигнувањето на првиот лет на Austrian Airlines ќе биде уште една потврда за зголемениот интерес за Охрид и Охридското Езеро како привлечна европска туристичка дестинација.















