Со европски пари почнува изградба и асфалтирање на патот до селото Туминец, Општина Пустец, каде се наоѓа познатиот манастир „Света Марена“ во рамки на проектот „CrossRoad“, финансиран од Европската Унија преку програмата Interreg VI-A IPA Грција–Албанија 2021–2027 година. Станува збор за уредување и асфалтирање на делницата од главниот пат до близина на почетната точка кон манастирот „Света Марена“, со почитување на сите технички параметри и потребните подслоеви, информмират од Општина Пустец.
Преку овој проект, Општина Пустец обезбедува инвестиција од околу 500.000 евра, која ќе донесе подобрување на патната инфраструктура, поголема безбедност во сообраќајот и подобри услови за жителите.
За мене, ова не е само инвестиција во еден пат. Ова е инвестиција во иднината на нашата заедница, во економскиот развој на регионот, во поддршката на туризмот и во создавањето нови можности за жителите на Преспа, нагласува тој.
Ќе продолжиме, порачува, посветено да работиме за реализација на конкретни проекти кои ја трансформираат нашата општина и го прават Пустец сè подобро место за живеење, работа и посета.
Селото Туминец е едно од деветте населени места во Мала Преспа. Се наоѓа на самиот брег на Преспанското Езеро, во близина на граничниот премин Стење – Горица и е второ село по големина, со околу 800 жители.
Манастирот „Света Марена“ по која е препознатливо селото датира од 18 век, а обновен е во 1926 година. Се наоѓа на самиот брег од Преспанското Езеро, покрај местото наречено Писан Камен, локација која самата по себе му дава дополнителна убавина и привлечност. Во него се наоѓаат поголем дел од моштите на Светицата каде сè уште се случуваат чуда над нејзините мошти.
Патронот на манастирот е на 30 јули а одбележувањето почнува ден порано со присуство на голем број верници од оваа општина, Округот Корча, но и од соседните земји.















