Со пристигнувањето на првиот лет на „Виз ер“ од Вроцлав на охридскиот аеродром денеска беше означен почетокот на новата воздушна врска меѓу Полска и Охрид. Авионот донесе околу 200 полски туристи, кои беа пречекани со традиционалното охридско ѓомлезе како симбол на македонското гостопримство.
На настанот, генералниот директор на ТАВ Македонија, Неџат Курт, истакна дека новите авиолинии од Вроцлав и Катовице, која започнува со работа на 9 јуни, ќе имаат значајно влијание врз зголемувањето на бројот на странски туристи и ќе ја зајакнат меѓународната поврзаност на Охрид.

Покрај промоцијата на новите линии, Курт заедно со вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски изврши увид во текот на реконструкцијата на охридскиот аеродром. Тој информираше дека досега се реализирани околу 65 проценти од градежните активности во рамки на инвестицијата вредна 2,7 милиони евра.
„Проширувањето на просторот за заминувања е завршено 85 проценти, новите шалтери за пријавување се веќе во функција, а инсталиран е и нов систем за ракување со багаж. Во тек е и изградбата на нови канцеларии за оперативниот персонал, како и проширувањето на административната зграда“, посочи Курт.
Тој нагласи дека реконструкцијата се одвива без да биде нарушено редовното функционирање на аеродромот и патничкиот сообраќај.
Воедно најави дека во текот на јуни ќе бидат воспоставени уште три сезонски авиолинии – кон Белград со „Ер Србија“, кон Истанбул со „Туркиш ерлајнс“ и кон Виена со „Аустриан ерлајнс“, која за првпат ќе сообраќа до Охрид.
Според него, до крајот на месецот од охридскиот аеродром ќе оперираат осум авиокомпании кон 17 дестинации, што дополнително ќе придонесе за развојот на туризмот и економијата.
Курт истакна дека аеродромите во Охрид и Скопје неодамна добиле признание од Меѓународниот совет на аеродроми – Европа како едни од најбрзорастечките на континентот. Во првите пет месеци од годинава е забележан раст на патничкиот сообраќај од 31 процент, со што Македонија се вбројува меѓу водечките воздухопловни пазари во регионот.

На крајот од обраќањето, генералниот директор на ТАВ Македонија упати благодарност до Владата и до вицепремиерот Александар Николоски за поддршката и соработката во реализацијата на проектите за развој на македонските аеродроми.















