АктуелноОхрид

ЈП „Охридски Комуналец“ : Апелираме до граѓаните на Стар град да ги почитуваат препораките за одлагање на отпадот во канти, не во ќеси

Надлежните институции упатија апел до жителите и деловните субјекти во Стариот град во Охрид да ги почитуваат препораките за правилно одлагање на отпадот, со цел одржување на чиста и уредна животна средина во еден од најпосетуваните делови на градот.

Според апелот, отпадот треба да се одлага во соодветни канти, а не во ќеси оставени на јавни површини. Исто така, се препорачува отпадот да се изнесува најдоцна до 06:00 часот наутро, согласно воспоставените правила за собирање.

Од институциите посочуваат дека ваквите сцени со расфрлан отпад се честа појава во Стариот град, кој претставува значајна туристичка атракција, но и место на живеење за голем број граѓани и функционирање на бројни бизниси.

Посебен проблем претставува отпадот од храна оставен во ќеси, кој често завршува расфрлан по улиците поради улични и домашни животни. Поради тоа, се апелира кантите секогаш да бидат затворени, а отпадот да не се остава подолго време на јавни површини, особено во периодот на високите температури.

„Отпадот е составен дел од секојдневното живеење и работење, но неговото правилно менаџирање е заедничка одговорност на сите нас“, се наведува во апелот.

Од надлежните изразуваат благодарност до граѓаните за разбирањето и за напорите што ги вложуваат во создавање почиста, поздрава и попривлечна средина за жителите и посетителите на Охрид.