Охрид

Во Охрид одбележан Денот на мултикултурата

Во Регионалниот центар за средно стручно образование „Ванчо Питошески“ во Охрид денеска беше одбележан Денот на мултикултурата, настан посветен на промоција на соживотот, толеранцијата и културната разноликост.

Настанот е поддржан од Општина Охрид во рамки на Годишната програма за финансирање проекти од областа на културата за 2026 година, а во име на Општината присуствуваше претседателот на Советот, Перчо Божиновски.

Ученици од различни етнички заедници, облечени во традиционални носии, ги претставија своите култури, обичаи и јазици, испраќајќи порака за мир, почит, пријателство и меѓусебно разбирање. Тие истакнаа дека различностите треба да се негуваат, бидејќи токму тие го збогатуваат општеството и ги поврзуваат луѓето.

Во рамки на настанот беше организирана и мултикултурна трпеза со традиционални специјалитети од македонската, албанската, турската, ромската, влашката и други кујни, подготвени од учениците и професорите од угостителското училиште.

Од училиштето посочија дека младите имаат клучна улога во градењето толерантно и хумано општество, а ваквите настани придонесуваат за зачувување на традицијата, културната разноликост и соживотот.

Ова е втора година по ред како во Охрид се организира одбележување на Денот на мултикултурата.