АктуелноОхрид

Низа настани во пресрет на 7 Мај, Денот на македонската полиција

Во пресрет на централен настан во одбележувањето на 7 мај, Денот на македонската полиција, денеска СВР Охрид во соработка со Планинарската планинарска служба Охрид, на планинскиот масив Галичица, одржаа ферата рута. Притоа, повеќе полициски службеници, по кратка обука за користење на ферата сетот и на ферата системот за безбедност, заедно со членови на Планинарската планинарска служба Охрид, се искачуваа по обезбедена планинска патека на Галичица, користејќи челични сајли, железни клинови и други соодветни помагала.

Ова беше уште една придружна манифестација во бројните активности со кои, се одбележува Денот на Македонската полиција. Денеска, на градското пристаниште во Охрид, полициската станица за граничен надзор „Охридско Езеро“, одржа отворен ден на кој, граѓаните имаа можност поблиску да ги видат пловните објекти како и другите материјално технички средства и опрема со кои, своите работни обврски ги извршуваат полициските службеници од езерската полиција. Во понеделникот, децата од детската градинка „Јасна Ристеска“ ги посетија полициските службеници во полициската станица во Охрид и разгледаа дел од работните простории и полициските возила и се запознаа со одредена опрема која се користи при секојдневното извршување на полициската работа.

Централниот настан на подрачјето на СВР Охрид, ќе се одржи утре-7 мај, кога се организира прием за претставници на локалната самоуправа од Охрид и Дебрца, со претставници на органите на државната управа со кои соработува како и за активните и пензионираните полициски службеници. Во таа пригода, ќе биде прогласен најдобриот полицаец а ќе има и пригодна изложба со дела насликани од најмладите.