Наш изборНаш ИзборОхрид

Странски туристи пријавиле кражби во охридската чаршија – полицијата истражува две осомничени државјанки

Странски туристи пријавиле во полицијата во Охрид дека биле жртви на кражби додека се движеле низ охридската чаршија.

Туристите пријавиле дека им биле украдени паричници од нивните чанти и торби додека шетале низ стариот дел на чаршијата.

Неофицијално, полицијата која ја води истрагата се сомнева во две државјанки на странска земја, кои исто така престојувале во Охрид како туристи. Според првичните сознанија, тие се осомничени дека ги следеле туристите и користеле невнимание или метеж за да извршат кражби од торбите.

Од СВР Охрид засега нема официјална потврда за случајот, но истрагата е во тек, а се проверуваат и снимки од безбедносни камери од околните објекти и локали.

Вакви случаи во Охрид се реткост иако градот во текот на туристичката сезона бележи голем број посетители од земјата и странство, а охридската чаршија е една од најпосетените локации во градот.