Со низа пригодни настани, денеска во Охрид беше одбележана 121 година од смртта на македонскиот револуционер Христо Узунов.
Делегација на Општина Охрид, предводена од Претседателот на Советот на Општина Охрид, Перчо Божиновски положи свежо цвеќе пред спомен-бистата на Христо Узунов во градскиот парк. Свежо цвеќе беше положено и на неговиот гроб кај селото Цер, на местото на неговата херојска погибија.
Во спомен куќата на Христо Узунов се одржа културен настан, на кој во името на Општина Охрид се обрати советничката Цветлана Вељаноска.
– Денес одбележуваме 121 година од херојската погибија на еден од најголемите македонски револуционери, охриѓанецот Христо Узунов. Неговата визија за слободна Македонија и посветеноста на истата, го реди во самиот врв на македонските борци и народни трибуни.
Роден и воспитуван во семејство на револуционери, Христо Узунов уште од најраната младост својот живот го посветува на идејата за слободна Македонија. Во пресвртните моменти од Илинденската епопеја зазема значајно место во организирањето и водењето на битките против османлиската војска.
Неговата посветеност и саможртва претставуваат вечна инспирација за сите генерации македонци, за тоа како се сака и се чува својата татковина.
Личноста на Христо Узунов, претставува вистински и нескршлив столб на македонското битисување. Ние како генерација сме должни да го чуваме и негуваме ова бесценето наследство.
Почитувани присутни, денес се поклонуваме пред Христо Узунов, кој херојски и несебично го жртвуваше својот живот за слободна Македонија.
Слава му!, истакна Вељаноска во своето обраќање.
Во рамки на настанот беше изведена монодрамата „Син на две мајки – Последната ноќ пред истрелот“, во изведба на учениците Климент Размоски и Леа Шумуликоска од ОСУ „Св. Климент Охридски“, под менторство на професорката Ирена Бачиќ. Настап имаше и охридскиот музичар Ѓоко Чеменкоски, кој изведе родољубиви песни.
Чествувањата за Христо Узунов започнаа вчера, со полагање на свежо цвеќе во дворот на ООУ „Христо Узунов“ и одбележување на патрониот празник на истоименото училиште.











