АктуелноИНТЕРВЈУИнтервјуаМагазинНаш изборНаш ИзборОхридПоследни Вести

Интервју со Димитар Рилкоски: Преку тренинзи со истегнување ( stretching ) до подобра форма и здравје

ОХРИД – Во време кога сѐ повеќе луѓе водат седечки начин на живот, истегнувањето (stretching) станува неопходен дел од секојдневната грижа за телото. Во фитнес центарот „Фитбокс“ – Охрид се одржуваат специјализирани тренинзи за истегнување и тоа секој вторник и четврток во 7 часот наутро, и секоја сабота во 8 часот наутро. Истегнувањето во овој фитнес центар е составен дел од сите останати тренинзи и програми кои  се практикуваат секој ден.

За важноста на оваа практика разговаравме со тренерот Димитар Рилкоски од фитнес центарот „Фитбокс“, професор по физичка култура со долгогодишно искуство во фитнес индустријата.

„Љубовта кон фитнесот започна уште во младоста, а со текот на времето прерасна во професија и начин на живот“, вели Рилкоски, додавајќи дека токму практичното искуство го насочило кон поголема посветеност на stretching тренинзите.

Според него, истегнувањето често е потценето, иако има клучна улога за здравјето.

„Stretching е процес на истегнување на мускулите со цел подобрување на нивната еластичност и подвижност. Тој е важен за превенција од повреди и подобра физичка функционалност“, објаснува тој.

Рилковски нагласува дека една од најголемите заблуди е дека истегнувањето е наменето само за спортисти.

„Stretching треба да биде дел од секојдневието на сите, без разлика на возраста или физичката активност“, потенцира тој.

Во однос на практичната примена, тренерот објаснува дека најдобри резултати се постигнуваат со комбинација на различни техники.

„Пред тренинг се препорачува динамичко истегнување за загревање, додека после тренинг статичкото истегнување помага за релаксација и опоравување“, вели Рилкоски, додавајќи дека доволни се „10 до 20 минути дневно за да се почувствуваат позитивни ефекти“.

Особено внимание треба да се посвети на мускулните групи кои често се занемаруваат.

„Задната ложа, долниот дел од грбот, колковите и рамената се делови кои најчесто страдаат поради недоволно истегнување“, истакнува тој.

Покрај физичките придобивки, stretching има и значаен ефект врз општото здравје.

„Редовното истегнување го подобрува држењето на телото и значително ги намалува болките во грбот, вратот и зглобовите“, објаснува Рилкоски.

Тој додава дека „stretching делува релаксирачки и помага во намалување на стресот“, што го прави корисен и за менталното здравје.

За почетниците, советот е јасен – постепеност и дисциплина.

„Да почнат полека, со основни вежби и да бидат конзистентни. Подобро е малку, но редовно“, советува тој, предупредувајќи дека претерувањето може да доведе до повреди.

Во фитнес центарот „Фитбокс“, stretching тренинзите се составен дел од програмите.

„Тренингот започнува со лесно загревање, продолжува со комбинација на динамички и статички вежби и завршува со релаксација“, објаснува Рилкоски, додавајќи дека програмите се прилагодуваат според индивидуалните потреби.

Резултатите, како што вели, не доцнат долго.

„Првите резултати може да се почувствуваат веќе по две до три недели со редовно практикување“, истакнува тој.

На крај, Рилкоски испраќа порака до сите кои поголемиот дел од денот го поминуваат седејќи:

„Правете кратки паузи и вклучете истегнување барем неколку пати во текот на денот – телото ќе ви биде благодарно.“

Со ваков пристап, stretching-от не е само додаток на тренингот, туку неопходна навика за подобар и поздрав живот.