АктуелноОхрид

Свечено отворен реновираниот хотел „Лебед“ во Охрид

Со свечена церемонија и во присуство на бројни гости, претставници  и туристички работници како и  партнери, официјално е отворен целосно реновираниот Хотел Лебед во Охрид.

Хотелот, кој со децении претставува еден од препознатливите туристички објекти на охридското крајбрежје, доби современ изглед и модерни содржини, задржувајќи ја препознатливата архитектура и духот на градот. Со инвестицијата се изврши комплетна реконструкција на сместувачките капацитети, ресторанот, терасите со поглед кон езерото, како и унапредување на енергетската ефикасност на објектот.

Во обраќањето до присутните, менаџментот на хотелот истакна дека целта е „Лебед“ повторно да стане симбол на квалитетна услуга и препознатлива туристичка дестинација, како за домашните, така и за странските гости.

„Охрид заслужува модерни и конкурентни хотелски капацитети кои ќе одговорат на современите туристички стандарди. Со ова отворање испраќаме порака дека инвестираме во иднината на туризмот“, беше нагласено на настанот.

Присутните имаа можност да направат обиколка на реновираните простории и да уживаат во пригодна музичка програма и коктел-забава.

Со новото отворање на хотел „Лебед“, туристичката понуда на Охрид добива уште еден обновен капацитет, што се очекува позитивно да влијае врз зголемување на бројот на посетители и продолжување на туристичката сезона.