АктуелноОхрид

Делегација од Охрид во официјална посета на Стар Град Белград

Делегација на Општина Охрид денеска оствари официјална посета на Општина Стар Град Белград, каде што се одржа работна средба со претседателот на општината, Радослав Марјановиќ.

На средбата се разговараше за официјализирање и продлабочување на меѓуопштинската соработка, со акцент на размена на искуства во областа на локалниот економски развој, туризмот, промоцијата на културното наследство, урбанистичкото планирање и образованието.

Претставниците на двете општини изразија подготвеност за воспоставување долгорочни партнерски односи, насочени кон размена на добри практики и реализација на заеднички проекти од интерес на граѓаните.

Во рамки на посетата, делегацијата од Охрид имаше можност да посети неколку капитални проекти што се реализираат во Стар Град Белград, при што се запозна со тековните инфраструктурни зафати и современите пристапи во развојот на урбаната средина.

Од Општина Охрид посочуваат дека ваквите средби се од исклучително значење за унапредување на меѓуинституционалната соработка и отворање нови можности за понатамошен развој на градот.