АктуелноОхрид

Македонците во Преспа го одбележаа празникот Голема Богородица по традиција во село Церје

Во селото Церје, Преспа, Македонците од оваа област, според традицијата негувана со векови, го одбележаа денешниот голем празник Успение на Пресвета Богородица, патрон на селската црква.
Иако поголемиот број жители од Церје се иселени, сепак за нив и нивните поколенија важи изреката „каде и да се за овој голем празник во Церје да се“. Секако заедно со нив беа и жители од повеќе села на Преспа.
По богослужбата што беше одржана во црквата „Успение на Пресвета Богородица“  одбележувањето продолжи со македонски песни и ора и скромна закуска во црковниот двор.
Поради лошите, речиси никакви услови за живот, повеќето од некогашните жители на селото се иселивме во други градови во Албанија, пред сè во Корча, како и во Македонија и Грција, но секогаш за овој празник сме тука, да се сретнеме, да се видиме и да се потсетиме на спомените од времето кога селото беше преполно од народ, велат жителите кои се надвор од родното село.
Присутните во овој божји храм, кој датира од 1012 година, запалија свеќи и посакаа здравје, среќа и бериќет, а од Мајката Божја „да ги чува и штити од секакво зло Македонците каде и да се“.
Празникот Успение на Пресвета Богородица, голем број македонски семејства во Албанија го одбележуваат како домашна слава.
vesnik-ilinden.com