Според црквата денеска православните христијани го слават празникот Светите седум маченици Макавеи со што започнува Богородичниот пост. Според народните верувања овој ден е тежок празник, не се работи и според него се прогнозирало времето за цела година

Сите овие маченици пострадаа околу 180 година за чистотата на израелската вера во едниот Бог, на која беше удрил царот Антиох Епифан. Тој беше наредил по закана со смрт на сите граѓани на Ерусалим да јадат свинско месо, како очигледен знак дека се откажале од верата на своите татковци. Свети Елеа¬зар се противстави на оваа насилничка заповед на царот, па поради тоа беше погубен.
Во народот празникот Макавеи се држи како тежок празник, но во некои места се смета дека овие празнични денови се шест, во други дванаесет. Во цела Македонија според тоа какво ќе биде времето во текот на овие денови се прогнозира времето за следните шест месеци (зимскиот период) или за целата година.
Во Велешко како што забележал Д. Матов не се работело, се држел празник за да не им се трошат (да не им се јадат) прстите на жените при предење, се гледало какво ќе биде времето и какви ќе биле месеците од октомври до март. Според Макавеите се прогнозирало времето во текот на годината со тоа што на еден ден одговарал еден месец. Ако времето било убаво цел ден значело дека целиот месец ќе бидел убав, ако пак било променливо значело дека и во текот на месецот ќе бидело и убаво и лошо.
Вакви верувања за 12 денови Макавеи запишал и К. Шапкарев, само што тој сведочи дека времето што одговара на секој ден започнува од месец август. Во зборникот на браќата Миладиновци среќаваме податок дека овие денови 12 на број се викале Моринки.
„Првите дванаесет дни од Августа се викает Моринки. Тие дни жените не работает, ни перат, ни деца к’пат. На тие дни гатает за доброто или лошото време за цела година; ако на пр. првиот ден од Августа чинит горештина, коложек (јанвар) ќе бидит студен, и напротив; ако на вториот правит добро време, на сечка (феврал) ке чинит лошо; и така за другите.“ Постоело верување дека од тој ден времето се завртувало на зима и дека тој ден штрковите и ластовичките започнувале да се готват за селење во потоплите краишта.
skopjeinfo.mk












