Навивачите на Шкендија на (5 август) во повеќе наврати за време на натпреварот со Карабах на Националната арена скандираа „Илирида“ и „Голема Албанија“. Тие и покрај сите апели за фер и спортско навивање, извикуваа националистички пораки.
Навивачката група „Балисти“ го почна скандирањето кое потоа беше прифатено од најголемиот дел од гледачите на стадионот.
Натпреварот на трибините на Арената „Тодор Проевски“ го следеа влaдини фунционери, вицепремиерот Изет Меџити, претседателот на Собранието Африм Гаши и министерот за економија Бесир Дурмиши.
По завршувањето на натпреварот, спикерот Гаши им честиташе на навивачите за, како што напиша на Фејсбук, достоинственото однесување на трибините.
„Им честитам на навивачите кои беа подеднакво достоинствени примери за нашите национални вредности, внатре и надвор од стадионот. Со доверба и оптимизам го очекуваме резултатот од реваншот, убедени дека Спарк ќе се бори до крај“, пишува во својот статус Гаши.
Денеска на прашањето на телевизија Телма за коментар за скадирањата „Илирида“ од страна на навивачите на Шкендија, тој изјави дека додека бил на натпреварот не слушнал такво нешто, но дека ако се случило, го осудува.
Навивачите на Шкендија и пред неколку месеци за време на едноминутниот молк на натпреварот против Брера, а во чест на загинатите и повредените во трагедијата во Кочани, упатуваа свирежи и скандираа за УЧК.
Министерството за внатрешни работи претходно соопшти дека ќе ги санкционира евентуалните националистички испади, како што реагираше брзо по испадите на мала група навивачи на кошаркарскиот натпревар меѓу Македонија и Романија во Куманово, кога навивачите скандираа погрдни и навредливи зборови за Албанците додека македонските државни функционери беа присутни на трибините.
slobodnaevropa.mk












